Мухамед, сал-лал-лаху алејхи ве селем, неговата пракса во побожност, односот со другите и неговиот морал
Превод на тема на
- العربية - Arabic
- Luganda - Ganda
- தமிழ் - Tamil
- magyar - Hungarian
- română - Romanian
- नेपाली - Nepali
- Tiếng Việt - Vietnamese
- বাংলা - Bengali
- português - Portuguese
- اردو - Urdu
- español - Spanish
- Türkçe - Turkish
- Bahasa Indonesia - Indonesian
- 中文 - Chinese
- English - English
- Èdè Yorùbá - Yoruba
- Mõõré - Mõõré
Категории
Full Description
- Предговор
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при вршење на нужда и при чистење:
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при абдест:
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при месх (триење) преку местви:
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при тејемум:
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при намаз:
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, и формата на намазот:
- Како се однесувал Божјиот пратеник во текот на намазот:
- Како се однесувал Божјиот пратеник и што правел по намазот:
- Како се однесуваше Божјиот пратеник при доброволните намази и при ноќниот намаз:
- Традицијата на Божјиот пратеник во текот на Џума:
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, во текот на двата бајрами:
- Традицијата на Божјиот пратеник при помрачувањето на сонцето или месечината:
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при намазот Истиска:
- Како се однесуваше при намаз во ситуација на страв:
- Како се однесуваше Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при смртен случај:
- Како клањаше џеназе намаз Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
- Закопот и другите работи во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, на гробишта и при изразување на сочуство:
- Зекатот и милостината во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
- Садакатул Фитр во традицијата на Божјиот пратеник, алејхи селам:
- Доброволната милостина во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
- Како постел Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
- Што е дозволено, а што забрането во текот на постот:
- Доброволниот пост во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при итикаф:
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при обредите на Хаџ и Умра:
- Обредот Хаџ во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
- Курбаните и обредот акика во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
- Курбанот во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
- Обредот Акика во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при купопродажба и други меѓучовечки односи:
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, во брак и неговиот однос кон сопругите:
- Како јадел и пиел Божјиот пратеник, сал-лаллаху алејхи ве селем:
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем при пиење:
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лаллаху алејхи ве селем, при повикување на другите во исламот:
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при давање гаранции, договор и однос кон пратениците:
- Практиката на повикувањето во исламот на кралевите и испраќањето на емисари и писма:
- Односот на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, кон лицемерите (мунафиците):
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при зикр:
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при излегување и влегување во домот:
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при влегување и излегување од џамија:
- Што изговарал Божјот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, кога ја здогледувал младата месечина:
- Што изговарал Божјот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при кивање и зевање:
- Што правеше Божјот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, кога ќе видеше некого кому му е дадено некое искушение:
- Традицијата на Божјот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, кога ќе го слушнел рикањето на магаре и пеењето на петел:
- Што практикувал Божјот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при состојба на лутина:
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при езан:
- Спомнувањето на Аллах во месецот Зул Хиџе:
- Односот на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, кон Благородниот Куран:
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при држење хутба:
- Како спиел, како се будел, и што правел кога сонувал Божјиот пратеник, сал-лаллаху алејхи ве селем:
- Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, поврзана со неговиот изглед:
- Како се поздравувал и како барал дозвола за влез Божјиот пратеник, сал-лаллаху алејхи ве селем:
- Етиката на говорот и молчењето на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
- Етиката на одење и на седење на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
- Сеџдата за благодарност за некоја благодет или за избегнување на некоја несреќа во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
- Етиката на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при надминување на потешкотиите, грижите, тагата и неспокој:
- Етиката на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при патување:
- Медицината, лекувањето и посетата на болните во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
- Природните лекови во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
- Божјите лекови во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
- Други пракси на лекување во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
Мухамед, сал-лал-лаху алејхи ве селем, неговата пракса во побожност, односот со другите и неговиот морал
هدي محمد صلى الله عليه وسلم في عبادته ومعاملاته وأخلاقه
Предговор
Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот
Благодарноста му припаѓа на Аллах, Божјиот мир и спас нека се со Божјиот пратеник, со неговото семејство и неговите верни другари, па велам: Една од најголемите благодети е исламот, верата на умереноста која е во согласност со човечката природа, сеопфатна и комплетна вера, вера на знаењето и моралот, вера компатибилна со секое место и време, вера на олеснувањето и милоста, вера со решенија за сите проблеми. Колку е само голема потребата, посебно во ова време, на сите луѓе да им се објаснат посебностите на оваа вера и нејзините убавини. Па да ја видат вистинската блескава слика за исламот.
Во практичниот живот на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, конкретно е олицетворена оваа вера. Неговата пракса, сал-лал-лаху алејхи ве селем, ги има сите тие особености кои исламот го прават лесно прифатлив и спроведлив во реалниот живот. Таа ги опфаќа сите аспекти на живеење, верските ритуали, односот кон другите и моралот, материјалниот и духовниот живот. Во оваа книга, која е избор на делови од книгата „Задул Меад Фи Хедји Хајрил Ибад“ на авторот Ибн Кајим, и која се смета како книга која најдобро ја претставува традицијата на Мухамед, алејхи селам, ќе се обидам да ви го приближам практичниот дел на Божјиот пратеник во сите аспекти на неговото живеење. Па да го следиме и да чекориме по неговите траги, сал-лал-лаху алејхи ве селем. Го молам Аллах за искреност, да го прими ова дело и истото да биде бериќетно.
др. Ахмед ибн Осман Ел Мезјед dralmazyad@hotmail.com
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при вршење на нужда и при чистење:
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при вршење на нужда:
При влегување во тоалет велел: „Аллаху мој, од Tебе барам да ме заштитиш од нечистите (шејтани) од машки и женски род.“ При излегување говорел: „Твоето простување го барам.“
Малата нужда најчесто ја вршел седејќи. По нуждата се чистел со вода, со мали каменчиња или на обата начина. За чистење ја користел левата рака. Доколку за чистење користел вода по завршувањето, левата рака ја триел од земја. Кога патувал, при вршење на нужда се оддалечувал за да не го видат неговите сопатници. При нужда се засолнувал зад издигнување на земјата, во градина на палми или зад некое дрво во долината. При мала нужда бирал помека земја за да не се испрска со капките од урина. При седнување за нужда не ја подигал својата облека сè додека не се приближил до површината на земјата. Доколку некој ќе го поздравел додека ја вршел малата нужда, не му одговарал на поздравот.
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при абдест:
Најчесто земал абдест за секој намаз а понекогаш со еден абдест клањал повеќе намази. Земал абдест понекогаш со прегрст вода, понекогаш со два прегрста или со повеќе. За абдест користел многу малку вода и го советувал неговиот Умет да не троши вода без мерка. При абдест деловите на телото ги миеше некогаш еднаш, некогаш двапати и некогаш трипати. Има и ситуации кога одредени делови ги миел двапати а други трипати но никогаш повеќе од трипати. Миењето на устата и на носот го правеше со вода во една рака, некогаш еднаш или двапати или трипати, и тоа го правеше одеднаш (во исто време со една рака внесуваше вода во устата и во носот). Внесувањето на вода во носот го правеше со десна, а се секнуваше со лева. Никогаш не земал абдест без гаргара на устата и секнување на носот.
Ја триел со влажна рака целата глава а некогаш со двете раце и во две насоки, напред и назад. Кога носел чалма, триењето го почнувал на врвот на челото, па продолжувал врз чалмата. При триење на главата ја чистеше и внатрешноста и надворешноста на ушите. Ги миел нозете тогаш кога не носел местви или чорапи. Внимавал на распоредот на миење при абдестот и не е забележано дека некогаш не го запазил. Почнувал со бесмеле, а на крајот изговарал: „Сведочам дека Бог е само Еден, Единствен и Му нема рамен и сведочам дека Мухамед е Негов роб и Пратеник. Аллаху мој направи да бидам од тие што се каат и од тие што се прочистени.“
Велел: „Без недостатоци си Аллаху мој, сведочам дека нема друг вистински Бог освен Тебе, барам прошка и се каам пред Тебе.“
Никогаш пред да земе абдест не изговорил: „Со намера да се исчистам и да ми се дозволи намазот, земам абдест.“ Ова никогаш не го рекол ниту Божјиот пратеник, ниту некој од неговите другари. При абдест никогаш не ја преминал границата на глуждовите ниту, пак, на лактовите. Не практикувал бришење на деловите на телото (по абдест). Понекогаш ја триел брадата со прсти, но тоа не го правел редовно. За подобро да се измијат прстите, со триење ги вкрстувал истите, но тоа не го правел редовно. Не беше негова практика да му се налева вода при секое земање абдест, некогаш самиот си истураше вода од садот, а понекогаш друг му помагаше при земањето абдест.
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при месх (триење) преку местви:
Потврдено е дека го практикувал месхот и кога бил дома како и при патување, одредувајќи го рокот: едно деноноќие за тој што е дома и три деноноќија за патникот. Го триел горниот дел од мествите, а практикувал и месх преку чорапи, и преку чалмата започнувајќи со горниот дел на челото. Го практикувал она што е полесно, доколку носел местви ги триел по горната површина, а кога бил бос ги миел нозете.
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при тејемум:
Практикувал и симболично чистење со земја (тејемум), мека или песочна, врз која се клањал и за која велел: „Каде и да настапи времето на намазот, земјата за верникот е негова џамија и средство за чистење.“ Не носел земја со себе при долго патување, ниту пак наредил да се носи. Нема потврда дека го практикувал тејемумот при секој намаз – при недостаток на вода наместо абдест пректикувал тејемум, кој целосно го заменувал абдестот. При тејемум доволно е едно допирање на земјата за лицето и за дланките.
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при намаз:
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, на почетокот намазот и при читањето на Куранот:
Кога почнувал да клања изговарашел Аллаху Екбер, не изговарал ништо пред тоа ниту, пак, е потврдено дека некогаш го изговорил нијетот. Ги подигаше дланките со испружени прсти свртени кон Кибла, во висина на ушите или во висина на рамењата, потоа десната рака ја ставаше врз левата рака. На почетокот на намазот понекогаш ја рецитираше оваа дова: „Аллаху мој, оддалечи ме од моите гревови како што ги оддалечи истокот и западот, Аллаху мој измиј ги моите гревови со вода, снег и мраз, Аллаху мој прочисти ме од гревовите како што се чисти белата облека од нечистотиите.“
Во други прилики се молеше со оваа дова: „Го свртев моето лице кон Оној што ги создал небесата и Земјата, правоверно, како муслиман и не сум од политеистите, мојот намаз, мојот курбан, мојот живот и смрт му се посветени на Аллах, Господарот на световите, Му нема рамен, така ми е наредено и јас сум првиот од муслиманите.“
По овие дови велел: Барам заштита кај Аллах од проклетиот шејтан, и ќе почнел со читање на поглавјето Ел Фатиха. При стоењето во намаз практикувал две паузи, првата помеѓу текбирот и читањето на Куран, додека за втората се вели дека ја практикувал по завршување на читањето на Ел Фатиха, како и пред да оди на руку. По читањето на Ел Фатиха, практикувал читање од други поглавја, некогаш подолго а некогаш пократко, при патување или поради друга причина. Најчесто практикувал една средина помеѓу долго и кратко читање. На сабахскиот намаз читал помеѓу шеесет и сто ајети, го читал поглавјето Каф, поглавјето Ер Рум, поглавјето Ет Теквир, поглавјето Ез Зелзеле, на двата реката, со поглавјата Ел Фелек и Ен Нас, кога патувал, со ајети од поглавјето Ел Му'минун до делот кога се спомнуваат Муса и Харун, алејхима селам, само на првиот рекат. Во петок на сабахскиот намаз ги читал поглавјата Ес Сеџде и Ел Инсан. На пладневниот намаз некогаш читал долго, додека на икиндискиот намаз читал колку половина од читањето на пладневниот намаз доколку би го одолжил, а кога клањал пократко тогаш исто толку долго клањаше и на икиндискиот намаз. Акшамскиот намаз го клањал еднаш со поглавјето Ет Тур и еднаш со поглавјето Ел Мурселат. На јација клањал со поглавјето Ет Тин, додека на Муаз, радијал-лаху анху, му одредил да клања со поглавјата Еш Шемс, Ел Еала, Ел Лејл и поглавја со слична должина и го посоветува да не клања со поглавја со должина на Ел Бекара. Практикуваше читање на цело поглавје во намаз, на еден или на два реката. Најчесто почнуваше со читање на почетокот на поглавјето а нема податоци дека почнувал од средина или со завршните ајети на некое поглавје. Читањето на две поглавја на еден рекат го практикуваше при доброволните намази. Ретко практикуваше читање на едно поглавје на два последователни реката, ниту, пак, има одредени поглавја кои се читаат на одредени намази освен на џума и на бајрамските намази. Во текот на еден месец ја додаде Кунут довата на сабахскиот намаз, пракса која подоцна ја остави. За оваа практика имаше причина и кога истата престана, престана и Кунут довата. Кунут довата ја практикуваше при вонредни ситуации и таа не е поврзана само со сабахскиот намаз.
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, и формата на намазот:
Првиот рекат беше подолг од вториот во секој намаз. По завршеното читање, ќе направеше пауза колку да му се поврати здивот, потоа ќе ги подигнеше дланките изговарајќи текбир и ќе се поклонеше на руку. Дланките ги ставаше на своите колена и ги исправаше своите раце. Грбот е во исправена состојба и на ниво на грбот е и главата, ниту погоре ниту подолу од грбот. Во оваа состојба тој велеше: „Без недостатоци е мојот Господар, Големиот.“ Понекогаш ја изговараше и оваа молитва: „Без недостатоци си Аллаху мој, Господару наш, Ти благодариме, Аллаху мој прости ми.“ Знаел и да каже: „Славен ѐ, Свет ѐ, Господарот на мелеците и на Џебраил.“ Должината на рукуто беше колку да се изговорат десет тесбихи, толку траеше и сеџдето. Понекогаш рукуто и сеџдето траеја онолку колку што траеше стоењето на кијам. Тоа го практикуваше на ноќниот намаз и најчесто се обидуваше да воспостави рамнотежа и складност во другите намази. Ја подигнуваше главата и исправајќи се велеше: „Аллах го слуша оној што му заблагодарува“, ги подигнуваше дланките, го исправаше грбот и во врска со ова велеше: „Не е потполн намазот на човек кој не го исправа грбот на руку и на сеџде во намазот.“ Кога ќе се исправеше ќе изговореше: „Господару наш, Тебе ти припаѓа благодарноста, или Аллаху наш, Господару, Тебе ти припаѓа благодарноста.“ Во оваа позиција ќе останеше онолку колку што беше на руку и велеше: „Аллаху мој, Господару, Тебе ти припаѓа благодарноста колку што е доволно да се исполнат небесата, да се исполни сè друго што, покрај нив, сакаш. Славен си и Возвишен, најточно е тоа што го вели робот, а сите сме Твои робови. Нема кој ќе го спречи она што Ти ќе го дадеш, ниту има кој да му даде на оној кому Ти не му даде. Освен Твојата одредба не може никаква друга да ни помогне.“ Потоа, изговарајќи текбир и не подигнувајќи ги рацете одеше на сеџде, прво ги спушташе колената па потоа рацете, челото па носот. Земјата ја допираше со челото и со носот, но не и со продолжетокот на чалмата. Сеџдата најчесто ја правеше врз земја, некогаш врз вода и кал, врз сеџаде или хасура исплетени од лисја на палма или врз штавена кожа. При сеџда челото и носот ги поставуваше врз тлото, ги оддалечуваше рацете од телото до таа мера што можеше да се види белината на неговите пазуви. Дланките ги поставуваше во сооднос со ушите и рамењата, го исправаше грбот, врвовите на прстите беа свртени кон Кибла, дланките и прстите беа испружени, не ги раздвојуваше прстите ниту пак ги прилепуваше едни до други. Во оваа состојба тој велеше: „Без недостатоци си Аллаху, Господару мој, Тебе сум ти благодарен, Аллаху мој прости ми.“
Исто така велеше: „Славен е, Свет е, Господарот на мелеците и на Џебраил.“ Потоа ќе ја подигнеше главата изговарајќи текбир, без да ги подига рацете, и ќе седнеше врз својата лева нога која е испружена додека десната е исправена, рацете ги ставаше врз натколениците а лактовите врз бутините, со два прста правеше алка а показалецот го подигнуваше и го придвижуваше чинејќи дова, велејќи: „Аллаху мој прости ми, смилувај ми се, помогни ми, упати ме и снабди ме (со Твоите добра).“ Во оваа положба останувал онолку колку што бил на сеџде. По второто сеџде стануваше потпирајќи се главно врз своите нозе, и кога ќе се исправеше ќе почнеше со читање без да направи пауза, како на почетокот на намазот. Вториот рекат беше еднаков како првиот освен во четири работи, паузата и довата на почеток на намазот, почетниот текбир и должината на рекатот. Првиот беше подолг од вториот. Понекогаш ќе го одолжеше сè додека не престанеше звукот на чекори (на луѓето кои му се приклучуваа на намазот). На тешехуд левата рака ја ставаше врз левата натколеница, десната врз десната натколеница и со показалецот покажуваше кон Кибла, со палецот и средниот прст формираше алка, додека показалецот лесно го движеше додека истиот не беше во потполно права положба. При тоа читаше дови а погледот му беше свртен кон показалецот. На овој рекат секогаш извршуваше тешехуд а своите другари ги подучуваше да речат: „Најдобрите поздрави, благодети и добри дела се за Аллах. Божјиот спас, благослов и сомилост нека е со тебе Божји пратенику, Божјиот спас нека се со нас и со добрите Аллахови робови. Сведочам дека вистински Бог е Аллах и дека Мухамед е Негов роб и пратеник.“ Времетраењето на тешехудот беше кратко како да е врз вжарен камен. Потоа ќе станеше потпирајќи се главно врз своите нозе и колена, и притоа ги подигнуваше рацете, и при стоењето читаше само Ел Фатиха, иако понекогаш додаваше и нешто повеќе од Ел Фатиха. Седењето на последниот тешехуд беше во форма наречена теверук, се потпираше врз левиот колк а двете нозе му беа на друга страна. Левата ја ставаше под десната натколеница и потколеница, додека стапалото на десната нога беше исправено со прсти свртени кон Кибла, а понекогаш и десното стапало беше испружено. Десната рака ја ставаше врз десната натколеница, ги собираше прстите на дланката и го исправаше само десниот показалец. Ја изговараше оваа дова: „Аллаху мој, кај Тебе барам заштита од казната во гробот, и Те молам да ме заштитиш од искушението на лажниот месих Деџал, дај ми заштита од искушенијата на животот и смртта, и заштити ме од гревовите и задолжувањето.“
Потоа го завршуваше намазот изговарајќи: „Ес селаму алејкум ве рахметул-лахи“, прво надесно па потоа налево. Наредил тој што клања пред себе да постави нешто како стрела, стап и сл. На пат кога клањал пред себе ставал копје во правецот на Кибла и клањал кон него. Понекогаш пред себе го поставувал и животното со кое патувал (камила, коњ и сл.). Се пренесува и дека клањал кон задниот дел на седлото. Кога пред себе имал ѕид, оставал простор колку е доволно да помине јагне и не се оддалечувал повеќе. Наредил да се приближиме до сутрата.
Како се однесувал Божјиот пратеник во текот на намазот:
Не била негова традиција да се свртува налево и надесно во текот на намазот. Во текот на намазот не ги затворал очите. При стоење во намаз ја наклонувал својата глава. Понекогаш започнувал намаз сакајќи подолго да клања па ќе слушнел плач на дете и тогаш побрзувал со намазот за да не предизвика потешкотија за неговата мајка. Клањал задолжителен намаз носејќи ја на раменици неговата внука Умаме, при стоење ја држел а при руку и сеџде ја спуштал на земја. Се случувало при клањање да му пријдат внуците Хасан и Хусеин и да му се качат врз грб а тој да го одолжи сеџдето за да не ги симне од својот грб. Понекогаш, додека клањал, ја отворал вратата за да влезе неговата сопруга Аиша, радијал-лаху анха. Кога некој ќе го поздравел со селам во намаз истиот го враќал со знак (подигање на раката). Воздивнувал во текот на намазот, понекогаш плачел и му треперел гласот. Понекогаш клањал бос или со обувки. Наредил да клањаме со обувки за да се разликуваме од Евреите. Клањал во едноделна облека, дводелна и облека од повеќе парчиња.
Како се однесувал Божјиот пратеник и што правел по намазот:
По намазот, три пати барал прошка од Аллах со зборовите: Естагфирул-лах, па ќе речел: „Аллаху мој Ти си дарител на спасот, и извор на спасот, Возвишен си, Величествен и Благороден.“ Бил свртен кон Кибла онолку колку што било доволно да го изговори претходното па се вртел кон тие што клањале зад него, свртен малку налево или надесно. По сабахскиот намаз останувал на местото каде што клањал сè до изгрејсонце. По секој задолжителен намаз го изговарал следново: „Нема друг Бог освен Аллах, Единствениот кому никој не Му е рамен, Негова е власта и Нему му припаѓа благодарноста и Тој е семоќен. Нема кој ќе го спречи она што Аллах ќе го даде, ниту има кој да му даде на оној кого Аллах го лишил. Освен Неговата одредба не може никаква друга да ни помогне.“
„Нема движење ниту сила освен Аллаховата, нема друг Бог освен Аллах, само Него го обожуваме, Негови се благодетите и добрините, го заслужува убавото величање, нема друг Бог освен Аллах, искрено исповедајќи ја верата иако тоа не го сакаат неверниците.“
Ги советуваше клањачите по секој задолжителен намаз по триесет и три пати да изговорат Субханаллах, па Елхамдулилах па Аллаху екбер и да го дополнат бројот сто изговарајќи: „Нема друг Бог освен Аллах, Единствениот кому никој не Му е рамен, Негова е власта и Нему му припаѓа благодарноста и Тој е Семоќен.“
Како се однесуваше Божјиот пратеник при доброволните намази и при ноќниот намаз:
Повеќето сунети и доброволни намази, кои немаат некоја посебна причина, ги клањаше во својата куќа, а посебно сунетите на акшамскиот намаз. Кога не беше на пат посебно внимаваше на десет рекати: два рекати пред и по пладневниот намаз, два рекати по акшамскиот намаз, два по јацискиот и два пред сабахскиот намаз. Сабахските сунети, како и витр намазот, ги клањаше секогаш па дури и на патување. Не се пренесува дека при патување клањал други сунети освен овие. По сабахските сунети легнувал, потпирајќи се врз десната страна од телото. Понекогаш, пред пладневниот намаз, клањал четири рекати а тогаш кога немал можност да ги клања двата рекати по пладневниот намаз, истите ги надополнувал по икиндискиот намаз.
Ноќниот намаз најчесто го клањал стоејќи а понекогаш и седејќи и пред да отиде на руку станувал и од стоечка положба одел на руку.
Клањал осум рекати давајќи селам по секои два рекати, па потоа клањал витр пет рекати еден по друг со едно седнување на крајот. Понекогаш витр намазот го клањал со девет рекати еден по друг, со седнување по осмиот рекат, па станувал без да даде селам, потоа го клањал и деветиот рекат, седнувал и по тешехудот давал селам. Потоа клањал два реката. Има преданија и дека витр намазот го клањал со седум рекати на начин како со девет рекати и по нив клањал уште два реката седејќи.
Витр намазот понекогаш го клањал на почетокот на ноќта, понекогаш на средина или на крајот на ноќта. Нè советуваше: Последниот намаз навечер нека ви биде витр намазот. По витр намазот клањал два реката, кои некогаш ги клањал седејќи, но на руку одел од стоечка положба. Кога поради сон или умор не клањал во текот на ноќта, во текот на денот клањал дванаесет рекати. Понекогаш со еден ајет, кој го повторувал, клањал цела ноќ. Клањал читајќи во себе а понекогаш на глас, понекогаш клањал долго а понекогаш пократко. Витр намазот го клањал со поглавјата Ел Еала, Ел Кафирун и Ел Ихлас. По селамот, три пати го изговарал следново: Славен е Владетелот, Светиот, подигнувајќи го гласот при третиот пат.
Традицијата на Божјиот пратеник во текот на Џума:
Во текот на петок пропишал дејства со кои покажал посебна почит кон овој ден. Се бањал, ја облекувал најубавата облека, наредил со внимание да се слуша хутбето, изговарал многу салавати во текот на тој ден. Собраните верници во џамија ги поздравувал со селам, се качувал врз минберот, свртен кон присутните со своето лице, повторно ги поздравувал со селам па ќе седнел. Потоа Билал го обзнанувал езанот и по него започнувало хутбето (петочното предавање). При хутбе, пред да му се направи минбер, се потпирал врз лак или врз стап. Држел две хутби соејќи, помеѓу кои седнувал кратко време. Наредуваше луѓето да се приближат до хатибот, да слушаат молчејќи и ни кажа дека наградата на џума намаз се губи доколку, на некој до нас, му кажеме да молчи, па дури и со знак. При хутбе од емоции му се вцрвенуваа очите, го подигнуваше гласот, зборуваше со строгост како да е војсководец кој ја опоменува својата војска. По воведниот говор велеше емма ба'ду, хутбето му беше кратко а намазот долг. Ги подучуваше своите другари на основите на исламот и шеријатот, наредуваше или, пак, укажуваше на верски забрани во зависност од ситуацијата. Ја прекинуваше хутбата поради некоја потреба или за да му одговори на некој што прашува, потоа го продолжуваше говорот. Се случувало и да се симне од минберот па повторно да се врати. Хутбата му беше поврзана со актуелниот момент, па ако видеше сиромав ги советуваше присутните за милосрдие и да им помогнат на оние што имаат потреба. Го подигаше показалецот при спомнување на Аллаховото име во текот на хутбата, a кога имаше суша од минберот се молеше за дожд. По џума намазот се враќал дома каде клањал два реката сунет намаз, на другите им наредувал да клањаат четири рекати сунет намаз по џума намаз.
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, во текот на двата бајрами:
Бајрамските намази ги клањаше на отворен простор и ја облекуваше својата најубава облека. При Фитр Бајрам, пред да излезе од дома, јадел непарен број урми. На Курбан Бајрам не јадел ништо до враќањето дома, и јадел од месото на курбанот. Фитр Бајрамот го клањал подоцна а Курбан Бајрамот порано. На бајрам одел пеш, со себе го носел стапот кој го поставувал пред себе за намаз.
Кога ќе дојдел до местото каде ќе клања бајрам намаз, веднаш започнувал со намаз без езан и без икамет и без да рече: Ес Салату Џамиатун. Ниту тој, ниту неговите асхаби, не клањале некој посебен намаз пред и по бајрамскиот намаз. Започнувал со намаз пред хутбето, клањал два реката, на почетокот со сè почетниот текбир изговарал седум текбири, со кратки паузи меѓу нив. Нема предание за некоја посебна дова помеѓу текбирите, а по текбирите започнувал со читање Куран, па руку и две сеџди. На вториот рекат изговарал пет последователни текбири, па потоа започнувал со читањето Куран. По хутбата, додека луѓето сè уште седеа, продолжуваше со советувањето, наредбите и забраните. Бајрамскиот намаз го клањал со поглавјата Каф и Ел Камер, но и со Ел Еала и Ел Гашије. Хутбата ја држел стоејќи и немало минбер на отворениот простор (мусала). Дозволил хатибот при говорот да не направи пауза со седење. Доколку Бајрам се падне во петок тогаш не е должност клањањето на џума намаз. На денот на Бајрам го менувал патот на одење и враќање.
Традицијата на Божјиот пратеник при помрачувањето на сонцето или месечината:
Кога се помрачило сонцето, излегол брзајќи и поради брзање ја влечел својата облека, почнал да клања намаз составен од два реката. На првиот рекат на глас читал Ел Фатиха и долг дел од Куранот, потоа направил долго руку и повторно се вратил на стоечка положба и долго време стоел но пократко отколку првиот пат, при подигнување на главата од руку велел: „Аллах го слуша тој што му искажува благодарност, Господару мој тебе ти припаѓа благодарноста.“ Потоа повторно читал делови од Куранот, па повторно направил руку но пократок од првото. По исправањето од вториот руку одел на сеџде положба на која останувал долго. На вториот рекат го повторил она што го направил на првиот, секој рекат имал два рукуа и две сеџди. Потоа ќе застанеше во стоечка положба и ќе одржеше елоквентна хутба. Во ситуација на помрачување советувал да бараме прошка, да го спомнуваме Аллах, да чиниме дова, да клањаме намаз, да даваме садака и други добри дела.
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при намазот Истиска:
Чинел дова за дожд на минбер во текот на хутбата, а истото го правел и во текот на некој друг ден, освен џума. Тоа го правел понекогаш седејќи во својата џамија, ги подигал рацете и му се молел на Аллах, субханеху ве теала. Забележана е оваа дова за дожд: „Аллаху наш напој ги твоите робови, стоката, нека се рашири Твојата милост и дај ѝ живот на мртвата земја, Аллаху мој напој нè со дожд, обилен пријатен и плоден, користен а не штетен, што побргу и без задоцнување.“ Кога ќе видел облаци му се менувала бојата на лицето, одел напред назад, плашејќи се од можна казна и кога ќе паднел дожд се радувал на тоа. Кога ќе видел дожд велел: „Аллаху мој нека биде обилен и корисен.“ Го откривал своето тело за дождот да ја допре неговата кожа, и кога го прашале за ова одговорил: „Пред кратко време дождот бил во близина на неговиот Господарот.“ При обилен дожд, на барање на луѓето, се молел дождот да престане, велејќи: „Аллаху наш, спушти дожд околу нас а не врз нас, спушти го врз ридовите, рамнините, планините, долините и корените на дрвјата.“
Како се однесуваше при намаз во ситуација на страв:
Доколку непријателот бил во правец на Кибла, ќе наредел муслиманите да се наредат во два реда. Првиот текбир, рукуто и станувањето од руку го правеле заедно, потоа првиот ред се спуштал на сеџда а вториот ред останувал да стои. Кога првиот ред ќе станел вториот ред се спуштал на сеџда, потоа станувале и вториот ред одел на местото на првиот а првиот на местото на вториот за да и двата реда ја имаат наградата за клањање во првиот ред, и за да може вториот ред да отиде на сеџда заедно со Божјиот пратеник, алејхи селам. Потоа го повториле она што го правеле на првиот рекат, и го чекале вториот ред да заврши со сеџдите и изговарањето на тешехудот и на крајот заедно да предадат селам. Кога непријателот не бил во правецот на Кибла, ги делел во две групи: една свртена кон непријателот а втората клањала со Божјиот пратеник, алејхи селам. Едната група со Божјиот пратеник, алејхи селам, клањала еден рекат потоа го завземала местото на втората група која му се придружувала на Божјиот пратеник, алејхи селам, и со него го клањала вториот рекат, по кој давал селам. Потоа секоја група по селамот на имамот доклањувала по уште еден рекат. Понекогаш со едната група клањал еден рекат па стоејќи чекал тие да го завршат и вториот, па по селамот доаѓала втората група и со нив го клањал вториот рекат за него, а првиот за нив, и ги чекал седејќи да го завршат нивниот втор рекат, па потоа по тешехудот заедно давале селам. Имало прилики кога и со двете групи клањал по два рекатa па давал селам. А некогаш клањал со една група еден рекат и таа група не го дополнувала намазот со втор рекат. Исто и со втората, па така секоја група клањала по еден рекат а Божјиот пратеник, алејхи селам, клањал два реката.
Како се однесуваше Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при смртен случај:
Моделот кој го постави Божјиот пратеник, алејхи селам, се разликува од начинот како со смртта се соочуваат другите народи. Тој во себе содржи доброчинство кон починатиот и кон неговото семејство и роднини. Како прво, тој ги посетувал болните, ги потсетувал за другиот свет, ги советувал да се покајат и да ја напишат својата последна волја. Присутните ги советувал болниот на смртна постела да го потсеќаат да го изговара шехадетот Ла илахе иллал-лах за тие да бидат неговите последни зборови. Рефлектираше задоволство со Аллаховата одредба, изразуваше благодарност. Кога почина неговиот син Ибрахим, му се насолзија очите поради благост и милост кон сопствениот син. Срцето му беше исполнето со задоволство од Аллаховата одредба и со благодарност, со јазик го спомнуваше Бога и Му се заблагодаруваше. Велеше: „Окото солзи, срцето е тажно, но не велиме нешто со што не е задоволен нашиот Господар.“ Забрани да се удира лицето и да се оплакува починатиот со врескање и гласен плач. Препорака на Ресулулах, алејхи селам, е починатиот бргу да се подготви за закоп, да се избања и исчисти и да се обвитка со бел ќефин. Наредувал да се покрие лицето и телото на починатиот и да му се затворат очите. Понекогаш го бакнувал починатиот. Наредил починатиот да се бања три, пет или повеќе пати доколку лицето кое го врши бањањето смета дека има потреба од тоа. Во последната вода наредил да се стави камфор. Шехидот кој загинал во битка не се бања, му се соблекува облеката од кожни и металните делови и во останатата облека, без да им се клања џеназе намаз, се закопуваат. Ако некој во состојба на мухрим почине, го капеле со вода во која се става сидр, наместо во ќефин се замотувал во неговиот ихрам без да се намириса или да му се покрие главата. Го советувал семејството на починатиот да избере убав ќефин, да биде бел но и да не се претерува со скапа ткаенина. Во ситуација кога ќефинот бил краток наредувал со него да се покрие горниот дел на телото а врз останатиот да се стават миризливи билки.
Како клањаше џеназе намаз Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
Намазот го клањаше воглавно надвор од џамијата, а понекогаш и внатре. Прашувал дали починатиот има долг, па ако немал му го клањал џеназе намазот. На тие што имале долг не им го клањал џеназето и наредувал џеназето да го клањаат неговите другари, асхабите. Кога државната каса се наполни, го превземаше долгот на починатиот, му клањаше џеназе а имотот го оставаше за наследниците. На почетокот на џеназе намазот го изговараше текбирот, му искажуваше благодарност на Аллах и го славеше чинејќи дова. Изговараше четири, но и пет текбири. Наредуваше искрена молитва за умрениот, а една од тие кои се запаметени е: „Аллаху мој, прости им на живите и на умрените наши, на малите и на големите, на мажите и на жените, на присутните и на отсутните. Кому ќе му дадеш да живее поживеј го во исламот, а кому ќе одредиш да умре земи му ја душата со иман. Аллаху мој, немој да нè лишиш од неговата награда и немој да не ставиш во искушение по него.“ Позната е и следнава дова: „Аллаху мој, прости му, смилувај му се, нека му е простено и нека е без гревови. Нека е чесно местото каде ќе биде спуштен, нека му е доволно широк гробот, исчисти го со вода, мраз и снег, и измиј му ги гревовите како што белата облека се мие од нечистотии. Куќата замени му ја со подобра, и семејството со подобро, и сопругата со подобра. Внеси го во џенет и заштити го од казната во гроб и казната во џехенемскиот оган.“ При намазот стоел паралелно со главата, кога починатиот бил маж, и паралелно со половината, кога починатата била жена. Клањал џеназе за дете, но не и за некој кој се самоубил или присвоил нешто од воениот плен без да биде поделен. Ѝ клањал џеназе на жената од племето Џухени која била каменувана поради блуд. Му клањал џеназе намаз и на етиопскиот крал Неџаши, иако не била негова пракса да клања џеназе на некој што не е присутен. Доколку не клањал џеназе на некој починат, практикувал истото да го направи на гробиштата каде што бил закопан.
Закопот и другите работи во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
По џеназе намазот кон гробиштата одел пред табутот во кој бил починатиот, додека, за тие што јаваат, сунет е да одат зад џеназето. Кога пешачел бил близу до џеназето, одел напред или одзади, од десната или од левата страна, наредил да се побрза со закопот, не седнувал сè додека џеназето не било поставено во гробот. Наредил седнатиот од почит да стане заради џеназето кое поминувало, но има преданија и дека седел кога поминувало џеназе. Не ги закопувал починатите при изгревање и залез на сонцето, ниту, пак, кога сонцето било во зенитот. Гробот го копале во форма наречена лехд, гробот бил длабок и поширок кај нозете и главата, на страната кај главата на мејитот три пати истурал земја. По закопот, во близина на гробот, упатувал дова за умрениот и барал од неговите другари да чинат дова Аллах да му даде непоколебливост при одговарање на прашањата. Не постојат преданија дека седел кај гробот на починатиот да чита Куран или талкин. Забранувал гласно да се оплакува починатиот.
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, на гробишта и при изразување на сочуство:
Не градел високи гробови, не ги ѕидал ниту, пак, градел куполи врз нив. Го пратил Али, радијал-лаху анху, да ги отстрани сите скулптури и да ги срамни до земја сите подигнати гробови. Негов сунет е гробот да биде рамен со земја, а не подигнат. Забранил да се дава форма на гробот со гипс, да се гради врз гроб и да се пишува врз него. Секој што сакал да означи гроб, тоа го правел со камен. Забранил гробиштата да се претворуваат во џамии, да се палат свеќи кај нив и ги проколнал тие што го прават тоа. Забранил намаз во правец на гроб и да го величаат неговиот гроб како светилиште. Ги почитувал гробовите и не дозволувал да се гази или да се седи врз нив, да се потпира врз нив, ниту, пак, тие да се величаат. Посетувал гробишта за да упати дова за закопаните на тоа место и за да бара прошка за нив. Сунет е посетителот на гробиштата да каже: „Божјиот спас нека е со вас жители на овие домови, верници и муслимани, и ние ќе ви се придружиме, иншалах. Аллах го молиме да ни прости нам а и вам.“ На семејството на починатиот им изразувал сочуство, но не е сунет да се прави собир за изразување сочуство ниту, пак, да се чита Куран, за починатиот, кај гробот ниту на друго место. Праксата му беше фамилијата на умрениот да не им подготвува храна на луѓето, туку луѓето да им подготват храна на фамилијата на умрениот.
Зекатот и милостината во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
Се работи за норми кои биле најдобро дефинирани од аспект на времето, количината и имотот кој треба да го поседува тој што е обврзан со зекат, а исто така и од аспект на тоа кому му се дава зекатот, балансирајќи го интересот на имотните и на сиромашните. Ги обврзува богатите да дадат зекат онолку колку им е доволно на сиромашните без да им нанесе штета. Му давал секому чијашто состојба ја знаел како и секому кој барал а чијашто состојба не ја знаел, опоменувајќи го дека зекатот не му следува на богат и на тој што е доволно силен да заработи. Најпрвин се помагаа сиромашните од местото каде е собран зекатот, додека вишокот го делел во други места. Праќал собирачи на зекат за видливо богатство како стока, житарици и плодови. Праќал лица да проценат колку плодови ќе дадат стеблата на урмите и грозјето за да дадат зекат доколку се надминувала границата за зекат-нисабот. Зекатот го одредувал според проценката. Не земал зекат за коњи, за робови, за мазги, за магариња, за зеленчук и за плодови кои не се мерат количински, ниту можат долготрајно да се складираат, освен грозјето и свежите урми. Не правел разлика помеѓу свежи и суви плодови. Барал да се даде средната класа а не најдобрата или посебната (на пр. во стадо со овци и овен, да се земе овенот). Не дозволувал давателот да ја откупи својата милостина, но дозволувал богатиот да јаде од зекатот кој ќе му го подари сиромав. За општа корист на муслиманите земал долг, а понекогаш однапред го примал зекатот на богатите. Кога некој ќе го донесеше зекатот, молеше за него со следните зборови: „Аллаху мој дај му берикет и во неговите камили, или велел: Аллаху прости му.“
Садакатул Фитр во традицијата на Божјиот пратеник, алејхи селам:
Тие што постеле ги обврзувал да дадат садакатул фитр во форма на урми, јачмен, масло или суво грозје. Садакатул фитр се дава пред бајрамскиот намаз. Рекол: „Кој ќе ја подели милостината пред намазот таа е садакатул фитр кој е примен. Кој ќе ја подели по намазот, дал една од обичните милостини.“ Таа им се давала ексклузивно на сиромашните а не на сите осум категории на кои им следува зекат.
Доброволната милостина во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
Давал милостина најмногу од сите во однос на тоа колку поседуваше, од Аллах не бараше повеќе од тоа колку му е дадено ниту бараше помалку. Сè она што побарале од него, повеќе или помалку вредно, го давал. Повеќе се радувал на давањето отколку тој на кого му била давана милостина. Кога ќе се сретнел со сиромав, иако и самиот имал потреба, му давал нешто, храна или облека. Кој живеел со него бил воодушевен од неговата дарежливост. Формите на дарежливост биле различни: Дарувал, давал милостина, давал подароци, купувал па и парите и купеното му ги давал на продавачот, земал долг и истиот го враќал со додаток, примал подароци и ги компензирал со уште повреден подарок.
Како постел Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при пост на месецот Рамазан:
Не започнувал со пост на месецот Рамазан без да ја види младата месечина или без за тоа да посведочи сведок, па доколку не ја виделе младата месечина или доколку немало сведок кој ќе посведочи дека ја видел, тогаш го сметале и триесетиот ден на месец Шабан. Доколку било облачно и не можела да се види младата месечина, сметал дека месецот Шабан има триесет дена и не постел, ниту, пак, наредил да се пости. За настапувањето на месец Шевал (по Рамазан) условувал сведочење на двајца сведоци. Ако сведоците, за настапувањето на месец Шевал, сведочеле по времето за клањање бајрам намаз, го прекинувал постот и наредувал сите да го прекинат постот и бајрамскиот намаз го клањал утредента во неговото време. Брзал со ифтар и истото го поттикнувал, јадел во времето на сехур (пред зората), тоа го правеше до крајното време и поттикнуваше така да се работи. Ифтарел пред да клања (акшам намаз) и вообичувал да конзумира свежи или други урми, а доколку и тоа немало се задоволувал со неколку голтки вода. При ифтар ја изговарал оваа дова: „Ја снема жедта, се наводенија жилите и со Аллахова одредба се потврди наградата.“ Овој месец се разликуваше со повеќе видови на ибадети, заедно со мелекот Џебраил го проучуваа Куранот во текот на Рамазан, доброчинството, милосрдието, читањето Куран, доброволните намази, спомнувањето на Аллах, итикафот, беа одлика на овој месец во животот на Божјиот Пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем. Овој месец се одликуваше со дела кои не ги правеше во други месеци како на пример непрекинат пост од сехур до ифтар следниот ден. Ова не им го дозволуваше на своите асхаби освен од сехур до времето на сехур.
Што е дозволено, а што забрането во текот на постот:
Забранил тој што пости да зборува непримерен говор, да вика, да пцуе и да му одговара на тој што му упатува пцости. Во таква ситуација тој треба да одговори: Јас постам. Во месецот Рамазан патувал и при патувањето понекогаш постел, а понекогаш не постел. Им дал слобода на своите асхаби да изберат дали ќе постат или нема да постат. Кога ќе требало да се соочат со непрјателот им наредувал да го прекинат постот. Не била негова традиција да го одреди растојанието кога се дозволува прекинувањето на постот при патување. Неговите асхаби го прекинуваа постот при самото започнување на патувањето и го земаа предвид само излегувањето од населеното место. Тие, Аллах нека е задоволен со нив, велеа дека таква била праксата на Божјиот Пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем. Понекогаш настапувало времето за сабах намаз, додека тој бил џунуб (состојба по интимен однос со сопругата). Во таа ситуација се капел (гусул) и продолжувал со постот. Ги бакнувал своите сопруги додека постел во текот на месецот Рамазан, користел мисвак за чистење на забите, со гаргара ја миел устата и внесувал вода при миење на носот. Знаел да истури вода врз својата глава во текот на постот. Рекол дека нема потреба да го надомести постот тој што заборавајќи ќе голтне нешто, било храна или течност. Дозволил да не постат тие што се болни или се на пат со услов да го надоместат тој ден што не го постеле. Истото го дозволил и за бремени жени и за доилки доколку ризикот е реален.
Доброволниот пост во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
Се трудел да се постигне целта со труд кој нема да претставува голема потешкотија за луѓето. Понекогаш постел толку долго па луѓето би помислиле дека нема да престане со постот, а понекогаш долго не постел па луѓето би помислиле дека нема да пости. Освен Рамазан ниеден друг месец не го постел целосно, а во ниеден друг месец не постел повеќе отколку во месецот Шабан. Не дозволувал да помине ниту еден месец без да пости во него. Не го издвојувал денот петок за да пости, а најмногу сакал да пости во понеделник и во четврток. Ги постел и белите денови (деновите на полна месечина) кога бил дома и на пат и ги поттикнувал и другите да постат во овие денови. На почетокот на секој месец практикувал да пости три дена. За шесте дена на месецот Шевал велел: „Постот на овие денови заедно со Рамазан се еднакви на постот на цела година.“ Внимавал да пости и на денот на Ашура (десетиот ден на месец Мухарем) и ни кажал дека постот на тој ден е причина за простувањето на гревовите од измината година. За постот на денот на Арефат рекол: „Постот на тој ден е причина за простувањето на гревовите на оваа и на минатата година.“ Доколку бил на хаџ не практикувал да го пости овој ден. Не практикувал пост на цела година, и рекол: „Тој што цело време пости ниту постел ниту ифтарел.“ (Муслим)
Понекогаш имал намера доброволно да пости па истиот ќе го прекинел, а во други ситуации би прашал дома дали има нешто за јадење па ако му одговориле дека нема, би рекол: ќе постам. Исто така рекол: „Ако некој ве повика на некое једење а вие постите одговорете: Јас постам.“
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при итикаф:
Итикафот го практикувал во последните десет дена на Рамазан, сè до неговата смрт. Таа година кога не престојувал во итикаф во Рамазан го надоместил со итикаф во месецот Шевал. Еднаш престојувал во итикаф во првата третина на Рамазан, потоа во втората третина и на крај во третата третина, трагајќи по ноќта на Кадр. Кога му беше објавено дека ноќта на Кадр е во последната третина на Рамазан, итикафот се до неговата смрт го практикувал во последните десет дена на Рамазан. Неговиот итикаф (престој во џамија со цел да се посвети на ибадет), секогаш бил поврзан со постот. Наредувал да му се постави нешто што наликувало на шатор во џамијата за да може да се осами. Итикафот го започнувал по извршениот сабах намаз. При итикаф, неговата постела ја ставаа во импровизираниот шатор во кој влегуваше сам. Во неговиот дом влегувал само поради некоја човечка потреба. Ја подавал својата глава во домот на Аиша, радијал-лаху анха, а таа ја чешлала неговата коса и во време на нејзиниот менструален циклус. Другите сопруги го посетуваа додека престојувал во итикаф, а истите тој ги испраќал до дома кога се враќаа навечер. Во текот на престојот во итикаф немал интимен однос со своите сопруги, ниту бакнување, ниту пак нешто слично. Во итикаф престојувал десет дена, а во годината во која почина во итикаф престојувал дваесет дена.
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при обредите на Хаџ и Умра:
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при обредот Умра:
Во текот на неговиот живот четири пати го извршил обредот Умра: првпат во годината на договорот кај Худејбије, кога неверниците не му дозволија да влезе во Мека. Од ихрамот се ослободи со колење на курбанот и бричење на главата на местото каде беше спречен да продолжи кон Мека. Второто патување за Умра беше во годината што следеше како што беше договорено на Худејбије. Третата Умра беше заедно со Хаџот кој го изврши. Четвртата е Умрата извршена од местото Џи'ране. Нема ниту една информација дека во текот на обредот Умра патувал надвор од Мека, сите ритуали поврзани со Умра се во самата Мека. Се знае дека во текот на една година само еднаш одел на Умра и никогаш во текот на една година не бил двапати на Умра. Сите негови, сал-лал-лаху алејхи ве селем, Умри биле во текот на месеците на Хаџ (Шевал, Зул Каде и првите десет дена на Зул Хиџе). Тој, сал-лал-лаху алејхи ве селем, рекол: „Умра во текот на Рамазан е еднаква на Хаџ (со својата вредност).“
Обредот Хаџ во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
Кога беше објавено дека обредот Хаџ е обврска на тие што имаат можност побрзал таа должност да ја изврши без доцнење. Само еднаш бил на Хаџ и тој Хаџ бил во формата – Киран (заедно споени ритуалите на Умра и на Хаџ). По пладневниот намаз ја одредил формата на неговиот Хаџ, па потоа изговорил телбије со овие зборови: „Се одзивам, Аллаху мој се одзивам, Ти се одзивам Тебе кому никој не му е рамен, Ти се одзивам, благодарноста и благодетите се Твои, а Твоја е и власта, Ти кому никој не му е рамен.“ Гласно ги изговарал овие зборови и го слушнале неговите асхаби, на кои им ја пренел Аллаховата наредба гласно да изговараат телбије. Во континуитет изговарал телбије, додека луѓето околу него изговараа, некој повеќе од него а некој помалку, без тој да ги прекорува. При облекување ихрам (облекување на дводелна облека во форма на чаршаф, пешкир и сл. со што некои работи стануваат забранети) на своите асхаби им велел дека Хаџот можат да го извршат на три начини. Потоа, кога се приближиле до Мека, ги поттикал своите другари да го извршат Хаџот во форма Теметту' (во која форма Умра е одвоена од Хаџот), освен оние што со себе ги имале своите курбани. Хаџот го извршил врз седло, и за него немало посебна носилка. Со себе ја носел својата храна и облека. Кога стигнал во Мека, наредил секој што со себе не го довел курбанот, со Умра да се ослободи од ихрамот. Тие што со себе ги носеле своите курбани, останале во состојба на ихрам. Потоа се спуштил до местото Зу Тува, каде ја преспал ноќта пред неделата во четвртиот ден од месецот Зул Хиџе. Таму клањал сабах намаз па потоа се избањал. Во Мека влегол дење, од горниот дел на месноста Сенијетул Улја која гледа кон Ал Хаџун. Кога влегол во џамијата се упатил кон Бејтуллах и не клањал два реката техијетул месџид. Кога дошол кај Црниот камен (Хаџерул Есвед), го допрел и не им пречел на луѓето создавајќи турканици, потоа свртен со неговата лева страна кон Каба почнал со таваф. Не запирал кај вратата на Каба, ниту кај олукот ниту кај столбовите и задниот ѕид на Каба за да изговори некоја посебна дова. Помеѓу столбот Рукн Јемани и Хаџерул Есвед ја изговарал оваа дова: „Господару мој дај ми добро на овој свет, и дај ми добро на оној свет и заштити ме од казната во оган.“ Нема преданија за некоја друга дова која посебно ја изговарал во текот на таваф. Чекорел бргу со кратки чекори при првите три круга околу Каба, а десниот дел од горниот ихрам го ставал под десната мишка, и го префрлал врз левото рамо за да му се гледаат десното рамо и плеќите. Кога ќе поминал покрај црниот камен, со рака покажувал во неков правец или го допирал со неговиот стап со искривен врв кој потоа ќе го бакнел и изговарал Аллаху Екбер. Го допирал и ќошот Рукн Јемани (ќошот пред Хаџерул Есвед) но не го бакнувал ниту ја банувал раката со која го допирал. По завршениот таваф се приближувал до местото наречено Мекам читајќи: „Местото на кое стоеше Ибрахим нека ви биде простор зад кој намаз (молитва) ќе извршувате!“. На тоа место клањал, а Мекамот бил помеѓу него и Каба. При овие два реката ги читал поглавјата: Ел Кафирун и Ел Ихлас. По завршениот намаз се упатувал кон Хаџерул Есвед и го допрел. Потоа се упатувал кон ридот Сафа и кога му се приближил го рецитирал овој ајет: „Сафа и Мерва, навистина, се Аллахови обредни места.“ Па велел: „Почнувам со она место со кое почнал Аллах.“ Се качил на ридот и кога ја здогледал Каба се свртил во нејзин правец изговарајќи го шехадетот и текбирот: „Нема друг вистински Бог освен Аллах, Нему никој не му е рамен, Негова е власта и Нему му припаѓа благодарноста и Тој е Семоќен. Нема друг вистински Бог освен Единствениот Аллах, го исполни ветувањето, го помогна Својот роб и Сам ги победи сојузниците.“
Потоа изговарал дови и истото го повторил три пати. Потоа се спуштил кон Мерва одејќи и кога дошол до дното на долината (сега е означена со зелени светла), почнал забрзано да оди а кога се приближил до ридот Мерва одел забавено. Првиот дел на Са'ј го завршил одејќи, за да потоа го доврши јавајќи поради луѓето кои се собираа околу него, сал-лаллаху алејхи ве селем. Кога се искачил на врвот на Мерва го повторил она што го правел на ридот Сафа. Кога го завршил Са'јот на ридот Мерва, му наредил на секој што со себе не го носел својот курбан да се ослободи од ихрамот и ова што го направил да го смета за обред на Умра. Тој, сал-лал-лаху алејхи ве селем, не се ослободил од неговиот ихрам, затоа што со себе го од Медина го довел својот курбан па рекол: „Да го предвидов ова што сега го знам немаше да се двоумам и немаше со себе да го земам курбанот и ова ќе го сметав за обред на Умра.“ За тие што ги избричија своите глави трипати побара прошка од Аллах, а за тие кои ги потскратија своите коси, само еднаш побара прошка. Во текот на неговиот престој во Мека до пред тргнување кон Мина (Тервије), клањал во неговиот дом и бил имам на муслиманите и намазите ги клањал скратено. На осмиот ден од месец Зул Хиџе (Тервије), во текот на претпладнето се упатил кон Мина заедно со тие што биле со него. Во тоа време тие што не биле со ихрами повторно ги облекле истите. По пристугнувањето во Мина ги клањал намазите пладне, икиндија, акшам, јација и сабах, секој во свое време, скратено, па потоа утредента по изгревање на сонцето се упатил кон долината Арефат. Во неговата придружба некои извикуваа телбије, а некои текбири. Тој тоа го слушаше и не прекори никого за тоа што го прави. Дојде до импровизираниот шатор подигнат со негова наредба кај местото Немире, а Немире не е дел од Арефат – тоа е место на исток од Арефат, таму престојуваше сè додека сонцето не се помрдна од зенитот и тогаш тргна со својата камила Касва. Кога дојде до најниското ниво на долината Арефат запре, и на присутните, не симнувајќи се од камилата, им одржа една хутба во која ги потврди основите на исламот и ги поништи основите на политеизмот и незнаењето, уште еднаш ги потврди оние верски забрани за кои постои согласност на сите објавени вери, ги забрани традициите од времето на џахилијетот, и ја забрани каматата. Им порачал добро да се однесуваат кон жените, да се придржуваат кон Аллаховата книга, ги повика да посведочат дека го доставил она што Аллах му го објавил, дека веродостојно го пренел и дека бил добар советник. По завршетокот на хутбата, му наредил на Билал, радијаллаху анху, да го проучи езанот, па потоа икаметот, го предводел како имам пладневниот намаз, два реката читајќи Куран во себе, иако беше петок. Потоа го предводел и икиндискиот намаз а на тие што биле од Мека не им наредил да го надополнат својот намаз, ниту, пак, им рекол да не клањаат заедно со тие што ги составиле овие два намаза. По намазот се качил врз својата камила и дошол до местото Меукиф (каде престојувал). Кога слушнал дека некои луѓе се сомневаат дека можеби пости, Мејмуна му пратила сад со вода, а тој, сал-лал-лаху алејхи ве селем, го зел садот и се напил додека луѓето го гледале, потоа дошол до подножјето на ридот (Џебелу Рахме), кај камењата, се свртил кон Кибла, јавајќи ја својата камила, а помеѓу него и Киблата била група на луѓе. На ова место смирено и со понизност се молел долго, до залезот на сонцето, им наредил на луѓето да се оддалечат од средината на долината и рекол: „Застанав тука, а целиот Арефат е место за молитва (дова).“ За време на довата ги подигнал рацете до градите, како тој што бара храна, и рекол: „Најдобра дова е довата на денот на Арефат, и најдоброто што сум го рекол јас и Божјите пратеници пред мене, е следнава дова: Нема друг вистински бог освен Аллах, Единиот, кому никој не му е рамен, Негова е власта и Нему му припаѓа благодарноста, и Тој е Семоќен.“ По целосниот залез на сонцето и исчезнувањето на црвенилото, се оддалечил смирено од Арефат, а зад него врз истата камила јавал и Усаме ибн Зејд, и рекол: „Луѓе, движете се смирено, доброчинство не е со брзањето,“ т.е. брзањето не е услов делото да се смета за добро. Од Арефат се одалечил преку патот Ме'земејн, а влегол преку патот Даб, се движел со умерена брзина, а доколку некаде имаше услови се движел побргу. Не престанал со изговарање на телбије и по пат застанал за мала нужда и по неа земал абдест, и така се движел сè до Музделифе, каде земал абдест, и наредил да се проучи езанот и икаметот па клањал акшам намаз, пред да се смести и да ги смести камилите. По сместувањето на камилите и торбите, наредил да се проучи икаметот и клањал јација само со икамет и без езан, и помеѓу овие два намаза не клањал ниту еден друг намаз. Потоа спиел до времето на сабах намаз и во текот на ноќта не клањал, а по заоѓањето на месечината на послабите од семејството им дозволил да одат кон Мина пред времето на сабах намаз и им наредил да не го каменуваат (симболично) џемератот пред изгревање на сонцето. Со настапувањето на сабах намазот, го клањал на почетокот од времето со езан и со икамет, и потоа јавајќи ја својата камила дошол до местото Меш'арил харам, и им обзнанил на луѓето дека целиот простор на Музделифе е место за престој. На тоа место се свртел кон кибла и му упатувал дови на Аллах, со понизност и скрушеност сè додека убаво не се разбелило и потоа, уште пред да изгрее сонцето, со Фадл ибн Абас, зад себе, се оддалечил од Музделифе. Попат му наредил на синот на Абас, да му собере мали каменчиња, седум од нив, кои ги стави во својата дланка и рече: „...нека се со оваа големина и чувајте се од претерување во верата...“
На дното на долината Мухасир, забрзал и одел по средниот пат кој води кон Џемретул Кубра, и кога пристигнал во Мина, не престанал со изговарање телбије, сè додека почнал со фрлање на камчињата, по изгревање на сонцето а бил качен врз неговата камила, во долниот дел на долината, Каба му била од левата страна а Мина од десната. При фрлањето на секое камче изговарал текбир. Потоа се вратил на Мина и на прусутните им одржал инспиративен говор за светоста на Курбан Бајрам, за вредноста на овој ден и за светоста на Мека, им наредил да бидат послушни кон тие што ги водат според Куранот и ги подучил со ритуалите на Хаџот. Потоа се упатил кон местото на Мина каде се колеле курбаните и со своја рака заклал шеесет и три камили кои стоеле, а им била врзана левата предна нога. Му наредил на Али, радијал-лаху анху, да го доврши колењето на тие камили кои останале до сто, да им го подели на сиромашните месото и забранил да му се плати на касапот за неговата работа со месо од курбаните или со нивната кожа. Им рекол дека цела Мина е место за колење курбан, како и дека улиците на Мека се патишта и место за колење курбан. Откако завршил со курбаните повикал бербер да му ја избричи главата и почнал со десната страна, Влакната од десната страна на главата му ги даде на Ебу Талха, радијал-лаху анху, па потоа ја избричи и својата лева страна, и повторно влакната му ги даде на Ебу Талха, радијал-лаху анху, и му рече: „Подели им ги на луѓето.“
За тие кои ја избричија својата глава трипати побара прошка, а еднаш за тие кои ги скратија своите коси. Пред да се ослободи од ихрамот, Аиша, радијал-лаху анха, го намириса со парфем. Потоа, претпладне, се упати кон Мека, јавајќи ја својата камила, и околу Каба го извршил главниот таваф, Тавафул ифаде. По него не направил друг таваф, ниту, пак, направил са'ј. Забрзаното одење при таваф го направил само при првиот таваф, Тавафул кудум. По завршениот таваф дошол до изворот на Земзем, каде луѓето пиеле вода, му дале сад со вода од која се напил стоејќи, и потоа се вратил на Мина, каде ја поминал ноќта. За местото каде го клањал пладневниот намаз има две мислења. Според Ибн Омер, радијал-лаху анхума, го клањал во Мина, а според Аиша и Џабир, радијал-лаху анхума, го клањал во Мека. Следното утро го чекал одминувањето на времето на зенитот, одел пеш од неговото место каде бил сместен до местото каде се каменуваат столбовите (џемератите), започнувал со првиот, најблиску до џамијата Ал Хајф, го каменувал со седум камчиња, при секое фрлање изговарал: Аллаху Екбер. Потоа отишол понапред кон следниот столб и свртен кон Мека ги подигнал своите раце и се молел со дова, долга колку што е потребно да се прочита поглавјето Ел Бекаре. Следно што правел е каменувањето на средниот столб со седум камчиња и потоа застанувал од десната страна во близина на долината, каде свртен кон Каба, со подигнати раце, долго време чинел дова, речиси колку и првиот пат. На крајот дошол до третиот столб (Џемретул акабе), застанувајќи така што Каба му била од левата страна а Мина од десната страна, и истиот го каменувал со седум камчиња. По завршеното каменување се вратил на местото каде бил сместен без да запре кај третиот столб. Пладневниот намаз најверојатно го клањал по завршеното каменување на џемератите, а на Абас, радијал-лаху анху, му дозволил да престојува во Мека заради напојување на аџиите. На Мина останал три дена во кои на ист начин ги каменувал трите столба наречени џемерати. Третиот ден попладне се упатил кон Ал Мухасаб, каде ги клањал пладневниот, икиндискиот, акшамскиот и јацискиот намаз и кратко се одморил. Потоа се упатил кон Мека каде го завршил прошталниот таваф (Тавафул Веда) во текот на ноќта некаде околу времето на сехур (малку пред зори). И во текот на овој таваф не се движел забрзано, а на Сафија, радијал-лаху анха, која имала менструален циклус ѝ дозволил да отпатува без проштален таваф. Во текот на ноќта, со цел да ја одоброволи, ѝ дозволил на Аиша, радијал-лаху анха, да ги изврши обредите на Умра испраќајќи ја со нејзиниот брат Абдурахман, и откако завршила со обредите на Умра, ги повикал своите асхаби и сопатници да тргнат на пат, и тие тоа го направиле.
Курбаните и обредот акика во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
Курбаните во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
Како курбани принесувал овци, камили, а за сопругите принесувал крави, принесувал курбани во местото на живеење и во текот на обредите на Хаџ и Умра. Сунет е со симболичен ѓердан да се означат овците за курбан без да се жигосуваат, а кога Божјиот пратеник, алејхи селам, подарувал курбан не му било забрането ништо, како во состојба на ихрам. Кога подарувал камила ја означувал и ја жигосувал отворајќи мала рана на десната страна од грбата на камилата од која течела крв. Кога испраќал курбан, на тој, со кого го испратил, доколку не бил во можност да го продолжи патот му наредувал да го заколе, и тоа со што бил означен курбанот да го натопи со крв, за да знаат тие што поминуваат дека се работи за курбан. Наредувал да се подели месото, а не дозволил тој што го заклал и неговите сопатници да јадат од тоа месо. Одредил дека седум лица можат да бидат ортаци во една крава или камила. Дозволил, во рамките на нормалното, да се јава камилата наменета за курбан додека не се обезбеди друго средство за транспорт. Практикувал обредот на колење на камила да биде додека таа стои, а левата нога на камилата да биде врзана. При колењето го спомнувал Аллаховото име и текбир. Најчесто сам го колел својот курбан, а понекогаш одредувал и некого како заменик. Кога колел овци, својата нога ја ставал врз делот на телото блиску до лицето на животното, и по изговорените бесмеле и текбир, започнувал со колење на курбанот. Дозволил неговиот народ да јаде од месото на нивните курбани и да го складираат таквото месо. Понекогаш го делел целото месо од курбани, а воедно рекол: кој сака нека земе дел од него. Курбанот за Умра го колел кај местото Муруе, а курбанот за Хаџ во долината Мина. Секогаш го колел курбанот по соблекувањето на ихрамот, а на Хаџ по каменувањето на Џемретул акабе, а по изгревање на сонцето (последниот столб најблиску до Мека). Никогаш не дозволил курбанот да се заколе пред да изгрее сонцето.
Курбанот во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
Овој обред никогаш не го запоставувал и вообичаено жртвувал два овна, по клањањето на Бајрам намаз, и велел: „Сите денови на тешрик се за жртвување курбан.“ За тој што заклал курбан пред Бајрам намаз велел дека нема ништо од наградата и дека тоа е само месо кое го обезбедил за своето семејство. Од ситната стока наредувал жртвување на јагњиња со возраст над шест месеци, одредил возраста на кравите за курбан да биде над две години, а за камилите над пет години. За курбан ги бирал најдобрите и најздравите животни, кои немале недостатоци. Забранил да се коле како курбан животно кое имало исечено уво, скршен рог, само едно око, кое е сакато, со скршен екстремитет и кое е многу слабо. Наредил да се проверат дали се здрави забите и ушите на животното. Тој што сакал да жртвува курбан имал обврска да не ја крати косата и ноктите во првите десет дена на месецот Зул Хиџе. Практикувал курбанот да го жртвува кај Мусала (местото каде клањал бајрам намаз). Потврдил дека една овца е доволна за еден човек и неговото семејство, без оглед на бројот на членовите на семејството.
Обредот Акика во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
Во автентичен хадис стои дека: „Секое новороденче е заложник на неговиот курбан, кој треба да се заколе на седмиот ден, на тој ден треба да му се избричи главата на детето и да се именува.“ Исто така рекол: „За машко дете (се колат) два курбана а за женско еден.“
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при купопродажба и други меѓучовечки односи:
Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, купувал и продавал, а откако бил испратен (како пејгамбер) повеќе купувал отколку што продавал. Бил најмуван и најмувал, бил застапник и бил застапуван а почесто одредувал свој застапник отколку што бил назначуван за застапник. Купувал во готово и со одложено плаќање, посредувал и за него посредувале, земал долг со заложување и без заложување, позајмувал, даваше но и добиваше, подаруваше но и примаше подароци за кои давал награда, доколку не му требал подарокот со оправдување го враќал. Примал подароци и од кралеви кои им ги делел на своите асхаби. Во ваквите трансакции најдобро се однесувал, доколку земал аванс враќал подобар од тој што му е даден, упатувал дова за бериќет во семејството и имотот. Еднаш од друг позајмил камила, па дошол сопственикот да го бара долгот и тоа го направил на груб начин, и кога асхабите сакале да го нападнат, рекол: „Оставете го, навистина тој што го бара своето право има што 'да каже'.“ Грубото однесување на другите ја зголемуваше неговата благост, наредил врелината на лутината и нејзиниот оган да го изгасиме со абдест, доколку стоиме – да седнеме, и да бараме заштита кај Аллах од проклетиот шејтан. Никогаш не се однесувал вообразено, бил скромен поздравувајќи ги со селам и малите и големите. Се шегувал, но никогаш не изговорил лага, па дури и кога се шегувал. Секогаш ја зборувал вистината. Секогаш беше во првите редови, ги крпеше своите обувки, облека и кожните садови за вода. Молзел овци, го послужувал семејството, заедно со своите другари носел тули при градење на џамијата. Бил најширокоград и со најдобро однесување, секогаш кога имал можност да бира го бирал полесниот начин, под услов тоа да не е грев. Не се одмаздувал за неправда која му била нанесена, а кога би била погазена некоја Аллахова забрана, неговата лутина била видлива и ништо не го спречувало да го спроведе Аллаховиот пропис. Давал совети и се советувал со други, посетувал болни, присуствувал на погреб, одговарал на покана, им помагал на вдовиците, сиромашните и слабите. Се молел за тие што би му се приближиле со нешто што му било драго, и велел: „Кога некој некому ќе направи добро, нека му каже: Аллах нека те награди со добро, со тоа на најдобар начин искажал благодарност.“
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, во брак и неговиот однос кон сопругите:
Божјиот Пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, рекол: „Од вашиот дуњалук ми се драги две работи – жените и парфемите, а најголемо уживање имам кога сум во намаз.“ Исто така рекол: „Младино, кој од вас има можност нека се жени... и рекол: женете се со тие жени кои раѓаат и кои им се драги на своите сопрузи.“ Неговата биографија го потврдува добриот однос кон неговите сопруги и неговиот совршен морал, велел: „Најдобри од вас се оние кои се најдобри кон нивните семејства, а јас сум најдобар за моето семејство.“ Кога некоја од неговите сопруги би посакала нешто што не е забрането и ја исполнувал желбата, дозволувал девојчињата на енсариите да се играат со Аиша радијаллаху анха, и кога таа би се напила од некој сад и самиот ги ставил своите усни на истото место и пиел од истото место. Ја ставал својата глава во нејзиниот скут, читал Куран во таа положба а таа можеби била со менструален циклус. Ѝ наредувал да го покрие интимниот дел од телото и се задоволувал со останатиот дел од телото (во текот на менструалниот циклус). По икиндискиот намаз ги посетувал своите сопруги, прашувал за нивната состојба, а ноќта ја минувал со таа сопруга чијшто ред бил во таа ноќ. Праведно ги делел ноќите, сместувањето и снабдувањето. Се случувало да ја пружи својата рака кон некоја од сопругите во присуство на останатите. Имал однос со сопругата на почетокот, но и на крајот од ноќта, а кога имал однос на почеток на ноќта понекогаш се капел и потоа заспивал, а понекогаш само земал абдест па заспивал. Исто така рекол: „Проклетник е тој што има однос со својата сопруга во аналниот отвор.“ Велел: „Тој што сака да има однос со својата сопруга нека каже: Аллаху мој заштити ме од шејтанот и заштити го нашиот пород. Ако таа ноќ Аллах одреди да имаат дете, шејтанот никогаш нема да може да му наштети.“ Исто така рекол: „Ако некој од вас се ожени, купи слугинка или животно за транспорт, нека ја стави својата рака врз нивното чело и нека го замоли Аллах за бериќет, нека изговори бесмеле и нека каже:Аллаху мој, Тебе ти се молам за нејзиното добро и добро со кое е вдахновена, и од Тебе барам да ме заштитиш од нејзинот зло и злото кон кое е насочена.“ На тој што стапил во брак му велел: „Аллаховиот бериќет нека е со тебе, Аллаховиот бериќет нека е над тебе и нека ве соедини во добро (аир).“ Кога одел на пат, преку влечење сламка одредувал која од сопругите ќе го придружува при патувањето, а на другите не им компензирал со ништо. Не била негова традиција да инсистира на луксуз и разубавување, како и на просторност на домот каде живеел. Се развел и ја вратил сопругата, се заветувал дека нема да има однос со сопругата еден месец, но никогаш не рекол дека неговите сопруги се за него недозволени како грбот на неговата мајка (вид на развод наречен зихар).
Како јадел и пиел Божјиот пратеник, сал-лаллаху алејхи ве селем:
Како јадел Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
Не го одбивал она што го имал и не инсистирал за тоа што го немал. Секогаш кога му била понудена храна јадел од неа, освен ако не му се допаѓала и истата ја оставал, но не ја забранувал. Не се присилувал да јаде нешто што не му се допаѓа. Никогаш не критикувал ниту едно јадење, ако му се допаднало јадел од него, а ако не му се допаднало го оставал. Пример е случката кога не јадел месо од вид на големи влекачи наречени даб. Јадел од она што го имал, а кога немало ништо бил трпелив, се случувало да врзе камен на својот стомак поради глад. Се случувало да поминат неколку месеци а во неговиот дом да не се палел оган за да се зготви нешто. Не бил негов обичај да се храни само со еден вид храна туку користел различни видови на храна. Јадел слатки работи и мед, и ги сакал истите, јадел месо од камила, овен, кокошка, птица од видот хубара, месо на диво магаре (зебра), зајак и морски животни. Јадел пржено месо, свежи и суви урми. Јадел „серид“ мешавина на месо и леб, и леб намачкан во зејтин (масло). Јадел и краставици со урми и печена тиква која ја сакал, суво месо како и мешавина на урми и кајмак. Го сакал месото а најмногу месото од предните екстремитети и плеќите на јагне. Јадел од сезонските плодови и не ги одбегнувал. Храната најчесто му била сервирана на земја на софра, јадел со десната рака и забранувал да се јаде со левата. Велел: „Шејтанот јаде и пие со лева рака.“
Јадел со три прста, кои практикувал да ги излиже на крајот од јадењето. Не јадел потпрен на еден од овие три начина: потпрен на една од двете страни, со вкрстени нозе или потпрен на една рака а да се користи за јадење, овие форми се покудени. Седнувал така што двете потколениците му биле исправени и рекол: „Седам како што седи еден роб и јадам како што јаде еден роб.“ На почетокот на јадењето изговарал бесмеле и тоа им го наредувал на тие што сакале да јадат. Исто така рекол: „Кога јадете на почетокот кажете: Во името на Аллах, а ако заборавите, кога ќе се сетите кажете: Во името на Аллах на почетокот и на крајот.“ Исто така рекол: „На шејтанот му се дозволува онаа храна кај која не е спомнато Аллаховото име.“ Додека јадел зборувал и на своите гости по неколку пати им ја принесувал храната, како што тоа го прават гостопримливите. Кога ја подигале храната која му била сервирана велел: „Благодарностите убави, бројни и бериќетни му припаѓаат на Аллах, Тој на сите им го обезбедува она што им треба, кого нема да Го напуштиме и нема да се сметаме независни од Неговата помош, нашиот Господар.“ Кога бил повикан на некое јадење не излегувал без претходно да упати дова за тие кои го повикале, па велел: „Секогаш нека ви бидат гости на ифтар тие што постат, вашето јадење нека го јадат добрите луѓе, и за вас дова нека упатуваат мелеците.“ Упатувал дова за тие што угостуваат сиромашни луѓе и ги фалел, и на иста софра седнувал со возрасни или деца, со слободни луѓе или робови, со бедуини или мухаџири. Ако постел, кога му нуделе храна, велел: „јас постам.“ Наредил тој што пости, ако му се понуди храна, да упати дова за тој што ја понудил храната, а ако не пости, да јаде од тоа што му е понудено. Кога бил повикан на јадење, ако некој му се придружил, за тоа го информирал домаќинот и велел: „Со мене дојде и филан, ако сакаш дозволи му, а ако не му дозволиш да влезе, ќе се врати.“ Тие што му се пожалиле дека јадат, но не можат да се наситат, им рекол да јадат заедно на една трпеза и да го спомнат Аллаховото име заради бериќет. Исто така рекол: „Најлош сад кој го наполнил синот Адемов е неговиот стомак, доволни се неколку залаци за да го држат исправен грбот, а ако неизбежно мора да јаде, тогаш нека биде една третина за храната, втората за тоа што го пие а третата за воздух.“ Се случувало да влезе дома навечер, да побара храна и да не најде ништо, тогаш велел: „Аллаху мој нахрани го и напој го тој што ме нахранил и ме напојил.“
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем при пиење:
Неговата традиција поврзана со пиењето беше најпотполна, добра за здравјето, а најдраги пијалоци му беа слатките и ладните. Понекогаш пиел чисто млеко а понекогаш го мешал со вода и велел: „Аллаху мој, дај ни бериќет во млекото и да го имаме во изобилство. Нема ништо што може да ја замени храната и пијалокот како млекото.“ Не практикувал да пие додека јадел. Ширата која ја подготвувале на почетокот од ноќта ја пиел таа вечер, наутро, следната ноќ како и во текот на вториот ден и ноќ кои следат, сè до попладнето пред истек на третиот ден. Ако нешто останало, му давал да пие на слугата или го истурал. (Шира пијалок од вода во кој се ставаат урми да ја засладат водата. Истиот Божјиот пратеник не го пиел по три дена од неговото подготвување плашејќи се дека можеби се алкохолизирал)
Практикувал да пие во седечка положба, советувал да се пие седејќи иако бил виден како пие стоејќи. Одговорот зошто пиел стоејќи е: поради некоја причина, или за да ја дерогира забраната или да укаже дека и двете форми се дозволени. Во текот на пиењето трипати земал воздух, и велел: „Подобро ја гаси жедта, поздраво е и полесно се пие.“ При земањето воздух го оддалечуваше садот од устата и земаше воздух надвор од неа и за тоа рекол: „Кога пиете, немојте да дишете во садот, оддалечете го од устата. Забранил да се пие од местото каде садот е скршен и од устата на мешината за вода.“ (Сад кој има скршен дел или има пукнатина.) На почетокот изговарал Бисмил-лах а на крајот Елхамдулилах. Исто така рекол: „Аллах е задоволен кога Неговиот роб ќе се нахрани или ќе ја згасне својата жед, па за тоа ќе му заблагодари на Аллах.“ Пиел слатка вода која не била солена и предимство ѝ давал на водата која преноќила. Откако ќе се напиел му нудел на тој што е од неговата десна страна па дури и тогаш кога од левата страна бил некој повозрасен. Наредил садовите да се покриваат и да се врзуваат мешините за вода. Доволно било да се стави и гранка и притоа да се спомне Аллаховото име. (Врзување на устата на мешината се вика Ика'.)
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лаллаху алејхи ве селем, при повикување на другите во исламот:
Повикуваше во исламот дење и ноќе, јавно и тајно, во Мека на почетокот на објавата три години повикуваше во исламот кришум. Кога му беше објавено: Ти јавно исповедај го тоа што ти се наредува, тогаш почнал јавно да повикува, и не се плашел од критиката на критичарите. Ги повикувал сите, возрасните и децата, слободните и робовите, мажите и жените, џините и луѓето. Кога притисокот кон неговите другари во Мека беше многу силен и тортурите бројни, дозволил преселба во Абисинија. Се упатил кон Таиф надевајќи се дека некој ќе го помогне, ги повика во Аллаховата вера, но не наиде на поддршка и одзив, го нападнаа најсилно што можеа, и го доживеа она што никој од неговиот народ го немаше доживеано. Го протераа кон Мека, во која влезе со заштита на Мут'им ибн Адиј. Продолжи јавно да повикува десет години, и во времето на аџилак, ги посетувал аџиите во нивните пребивалишта. Исто така ги користел и собирите Указ, Меџине и Зил Меџаз. Прашувал за сите племиња едно по друго и прашувал каде биле сместени. Кај местото Акабе се сретнал со шесторица од племето Хазреџ, ги повикал во исламот, а тие го примиле исламот и се вратиле во Медина. Во својот град тие повикувале во исламот и не останала ниту една куќа во која не влегол исламот. Следната година од нив на аџилак дошле дванаесет луѓе, и таму се случила првата заклетвата кај Акабе во која тие дале завет дека ќе му се покорат, ќе го помагаат, ќе наредуваат добро и ќе одвраќаат од лошо, ќе повикуваат во исламот не плашејќи се од никого, ќе го помагаат и ќе го штитат како што се штитат себеси и своите жени и деца. Доколку тоа го направат наградата ќе им биде рајот. Потоа се вратија во Медина. Со нив ги пратил Ибн Уми Мектум и Мусаб ибн Умејр, радијал-лаху анхума, за да ги подучуваат Куран и да повикуваат во исламот. Тие беа причина многумина да го примат исламот, како Усејд ибн Худајр и Сад ибн Муаз. Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, ја дозволи преселбата во Медина па луѓето побрзаа тоа да го направат. На крајот хиџра направија тој и неговиот близок другар. Ги збратимил Мухаџирите и Енсариите а нивниот број беше деведесет мажи.
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при давање гаранции, договор и однос кон пратениците:
Божјиот Пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, рекол: „Зборот на муслиманите е почитуван и се почитува дадениот збор и на оној што е најмалку вреднуван.“ Исто така рекол: „Тој што е во договор со друг народ нека се придружува кон тој договор, нека не притиска премногу и нека не се однесува лабаво сè додека не помине рокот на договореното или не ги информира дека договорот престанува да важи.“ Кажал: „Кој ќе му гарантира сигурност на човек па ќе го убие, јас се одрекувам од убиецот.“ Кога дојде делегацијата на лажниот пророк Мусејлеме и го рекоа тоа што имаа да го кажат, рече: „Да не беше забрането убивањето на емисари ќе ви ја отсечев главата и на двајцата.“
Сунет на Божјиот Пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, е да не се убиваат емисарите. Не ги задржуваше емисарите кои ќе го прифатеа исламот и ги враќаше дома. Кога некој од неговите асхаби би се договорил со некој од неговите непријатели за нешто во кое нема штета за муслиманите, го прифаќал договореното, па дури и ако не го одобрил претходно. Потпиша десетгодишно примирје со племето Курејш и прифати да ги врати пребегнатите муслимани во текот на ова примирје, а племето Курејш не беше обврзано да ги врати тие што пребегале на нивна страна. Од ова правило беа изземени жените кои кога ќе дојдеа во Медина беа испрашувани. Тие за кои ќе се утврдеше дека се вернички не ги враќаше. Наредил муслиманите да го повратат венчалниот дар на жена која се вратила во неверство. компензирајќи го со мехрот на муслиманка која се преселила во името на Аллах (хиџрет), и истиот му го предавале на мажот чијашто жена се вратила во неверство. Не ги спречуваше неверниците да го земат тој што пребегнал кај муслиманите и станал муслиман (ова е по потпишаниот договор кај Худејбије), но никогаш не присилувал некој муслиман да се врати ниту пак го наредил тоа. Не гарантирал за тие што ќе го напуштеле од муслиманите дека и тие ќе се придружуваат на договореното (кај Худејбије) ниту пак искажувал несогласување со тоа што го правеле. По победата кај Хајбер договорил жителите да го напуштат градот, и дека нивно е тоа што можат да го натоварат и да го земат со себе, и дека на Мухамед, сал-лал-лаху алејхи ве селем, треба да му го предадат златото, среброто и оружјето. Се договорил земјоделските плодовите да ги поделат на половина, а потоа да им го дозволи тоа што тој ќе одредел, секоја година праќал проценител на жетвата, го утврдувал родот, го осигурувал делот на муслиманите, па потоа им дозволувал да управуваат со своите плодови.
Практиката на повикувањето во исламот на кралевите и испраќањето на емисари и писма:
По враќањето од Худејбије им прати писма на кралевите на одредени земји, им прати свои емисари, на кралот на Византија му напиша писмо, му испрати емисар, беше на прагот да го прими исламот, но не го направи тоа. Му прати писмо на Неџаши од Етиопија кој го прими исламот. Во Јемен ги испрати Ебу Муса Ел Еш'ари и Муаз бин Џебел, Аллах нека е задоволен од обајцата.
Односот на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, кон лицемерите (мунафиците):
Се однесуваше кон нив според она што јавно го покажуваа, а судот за тоа што тајно го работеа му го оставаше на Аллах, против нив војуваше со силата на аргументот, дистанцирајќи се од нив и покажувајќи строгост, и со силни зборови кои допираат до нивните срца им го доставуваше она што му е објавено. Не војуваше против нив со оружје и се обидуваше да ги одврати од хипокризијата. Говореше: „Не (нема да војувам против нив) па да речат Мухамед ги убива и своите другари.“
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при зикр:
Најдобро и на најпотполн начин го спомнуваше и го величаше Бога, па дури можеме и да потврдиме дека целиот негов говор беше зикр и околу зикрот. Тоа што го наредуваше, забрануваше или го пропишуваше како верско правило беше спомнување на Аллах (зикр), неговото молчење е зикр со срце, со секој здив го величаше Бога, стоејќи, седејќи, одејќи, јавајќи, одморајќи се, патувајќи и тогаш кога не патуваше, Божјиот спас и мир нека се со него.
Како го спомнуваше Аллах, наутро и навечер:
Наутро велел: „Се разбудивме во природноста на исламот, и со искрениот збор (шехадет) и во верата на нашиот пратеник Мухамед, сал-лал-лаху алејхи ве селем и следбениците на нашиот татко Ибрахим, правоверен муслиман кој не беше политеист.“ Велеше: „Аллаху мој со Тебе се будиме и со Тебе заноќуваме, за Тебе живееме и умираме, и кај Тебе се враќаме.“
Исто така рекол: „Кога некој ќе ја дочека зората нека каже: Дојде ново утро и во тоа утро власта му припаѓа на Аллах, Господарот на световите. Аллаху мој од Тебе го барам доброто на овој ден, победата, помошта, светлината, бериќетот и те молам да ме упатиш. Аллаху мој заштити ме од злото во овој ден и од злото по него. И кога ќе заноќи нека го каже истото.“
Рекол: „Одбраната помеѓу молитвите за барање прошка на гревовите е робот да каже: Аллаху Ти си мој Господар, нема друг Бог освен Тебе, Ме создаде и јас сум Твој роб и колку што можам ќе се трудам да го извршам мојот завет кон Тебе, заштити ме од лошото што го направив, ги признавам Твоите благодети кон мене и ги потврдувам моите гревови. Прости ми, затоа што единствено Ти простуваш гревови. Ако ова го изговори наутро, убеден дека е вистина, па умре, ќе влезе во џенет, а ако тоа го изговори навечер убеден дека е вистина, па умре таа ноќ, ќе влезе во џенет.“ Исто така рекол: „Оној што, кога ќе се разбуди наутро во новиот ден, ќе каже: Нема друг Бог освен Аллах, Еден е и Единствен, Негова е моќта и Нему му припаѓа благодарноста и Тој е Семоќен и тоа ќе го повтори стопати има награда како да ослободил десет роба, му се запишуваат сто награди и му се бришат сто грева и е заштита за него од шејтанот во текот на тој ден, сè до ноќта. Никој не направил подобро дело освен тој што ова ќе го изговори повеќе од сто пати.“
Наутро и навечер ги читал овие молитви: „Аллаху мој, барам заштита на овој и на оној свет, Аллаху мој, барам прошка и заштита на верата, овој свет, имотот и семејството. Аллаху сокриј ги моите срамни дела, смири го мојот страв, чувај ме однапред, одзади, од лева и десна страна и одозгора. Барам заштита со Твојата Величина да не бидам зграпчен одоздола.“
Исто така рекол: „Секој роб кој наутро и навечер секој ден трипати ќе се помоли со зборовите: Во Аллахово име, кое кога ќе се спомне не може ништо на земјата ни на небесата да ни нанесе штета, Тој сè слуша и сè знае, нема ништо да му наштети.“
Ебу Бекр, радијал-лаху анху, го прашал Божјиот пратеник, алејхи селам: Научи ме како да чинам дова наутро и навечер? Тој му одговорил: „Аллаху мој, Создателу на небото и Земјата, го знаеш видливото и невидливото, Господару на сè, Владетелу и Поседувачу на сè. Сведочам дека нема друг Бог освен Него, барам заштита од злото на мојата душа, од злото на шејтанот и неговиот ширк. Барам заштита да си предизвикам зло себеси или да му нанесам на некој муслиман. Потоа рече: изговори ги овие дови наутро, навечер и кога ќе легнеш на твојата постела.“
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при излегување и влегување во домот:
При излегување од домот велел: „Во името на Аллах, се потпирам врз Аллах, Аллаху мој, заштити ме да не заталкам по моја или туѓа вина, да не скршнам од Вистинскиот пат по моја и туѓа вина, да не му нанесам некому неправда и да не ми се нанесе неправда, да не се однесувам како незнајко и кон мене да не се однесуваат со незнаење.“ Исто така рекол: „Кој ќе излезе од својот дом со зборовите: Во името на Аллах, се потпирам врз Аллах, нема движење ниту сила освен таа на Аллах, ќе му се каже: Упатен си, доволна ти е оваа заштита и одбранет си, и од него се оддалечува шејтанот.“ При излегување за сабах велел: „Аллаху мој исполни го моето срце со светлина, мојот јазик, мојот слух, мојот вид исполни ги со светлина. Дај ми светлина одзади, однапред, одозгора и дај ми светлина одоздола. Аллаху мој, зголеми ја мојата светлина.“ Велел: „Кога човек ќе влезе во домот нека рече: Аллаху мој од Тебе барам добар влез и добар излез, со Аллаховото име влегуваме и врз Аллах, нашиот Господар, се потпираме. По оваа дова нека го поздрави со селам своето семејство.“
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при влегување и излегување од џамија:
При влегување во џамија велел: „Барам заштита од Аллах Величествениот, со Неговото благородно лице, Неговата исконска моќ од проклетиот шејтан. Кога ова ќе го изговори шејтанот вели: од мене е заштитен во текот на целиот ден.“
Исто така рекол: „При влегување во џамија испратете салават врз Божјиот пратеник па речете: Аллаху мој отвори ми ги вратите на Твојата милост. При излегување нека изговори: Аллаху мој барам да ми дадеш од Твојата добрина.“
Што изговарал Божјот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, кога ја здогледувал младата месечина:
Кога ја здогледувал младата месечина велел: „Аллаху мој, нека изгрее врз нас младата месечина со сигурност и иман, со спас и ислам, мој и твој (месечино) Господар е Аллах.“
Што изговарал Божјот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при кивање и зевање:
Потврдено е дека, Божјот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, рекол: „Навистина, Аллах го сака кивањето, но не и зевањето. Тој што ќе кивне и ќе каже елхамдулилах, должност на секој муслиман што ќе го слушне е да му каже јерхамукалах. А зевањето е од шејтанот, па кој може нека го спречи тоа според можностите. Шејтанот му се смее на тој што зева.“ При кивање, со рака или со облека, ја покривал својата уста и се обидувал да го намали гласот на кивањето. По кивање ако некој му возвратил со јерхамукаллах, му одговарал со: „Аллах нека ни се смилува нам и вам, нека ни прости нам и вам.“
Исто така рекол: „Кога некој ќе кивне нека каже: елхамдулилах, па потоа неговиот брат или другар нека му каже јерхамукелах, а тој што кивнал нека каже: јехдикумулаху ве јуслиху балекум.“ Велел: „Ако некој кивне и рече 'елхамдулилах' одговорете му 'јерхамукелах', а ако не го стори тоа, и вие не велете му 'јерхамукелах'.“ Кога некој кивал повеќе од три пати, не му велел јерхамукелах. За таквиот ќе речел: „Овој е настинат.“ Во автентичен хадис се вели: „Евреите киваа во присутво на Божјиот пратеник и се надеваа дека ќе им рече: јерхамукелах (Аллах нека ви се смилува), но тој им велеше: Аллах нека ве упати и нека ја поправи вашата состојба.“
Што правеше Божјот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, кога ќе видеше некого кому му е дадено некое искушение:
Божјот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, рекол: „Кога ќе видите некого кој е ставен на искушение кажете: Благодарноста му припаѓа на Аллах, кој ме заштитил од искушението на овој човек, кој ме создал и ми дал добра повеќе отколку на многу други луѓе. Ако го направи ова, нема да му се случи искушение, какво и да е.“
Традицијата на Божјот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, кога ќе го слушнел рикањето на магаре и пеењето на петел:
Наредил тие што го слушаат рикањето на магаре да бараат заштита од проклетиот шејтан, а тие што ќе го слушнат пеењето на петелот, да побараат Аллах да им даде од Неговите добрини.
Што практикувал Божјот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при состојба на лутина:
На тој што бил лут му наредувал: да земе абдест, да седне доколку стоел, да легне доколку седел, да побара Аллахова заштита од проклетиот шејтан.
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при езан:
Негова традиција е изговарањето на езанот и икаметот со и без повторување (терџи'), но никогаш не рекол само еднаш „кад каметис салату – намазот почна.“ Пропишал тој што го слуша езанот да ги повторува зборовите на муезинот, освен кај изразите: „Хај-је алес салат и хај-је алел фелах-дојдете на намаз дојдете на спасение.“ Кога ќе ги слушне овие зборови треба да каже: „Ла хавле ве ла кув-вете ил-ла бил-лах - Нема придвижување (промена) ниту моќ освен со Аллах.“ Нè известил што треба да каже тој што ќе го слушне езанот: „И јас сведочам дека нема друг вистински Бог освен Аллах и дека Мухамед е Божји пратеник. Задоволен сум со Аллах како мој Господар, со исламот како моја вера и со Мухамед како мој пратеник.“ Тој што ќе го изговори ова, ќе му се простат гревовите. Пропишал за тој што ќе го слушне езанот да прати салават врз Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, и потоа да се помоли со овие зборови: „Аллаху мој, Господару на овој совршен повик и на намазот чие време е сега, дај му на Мухамед посредништво и добрина на денот Суден и проживеј го на достојното место кое си му го ветил.“ Ни дал до знаење дека довата помеѓу езанот и икаметот не се одбива.
Спомнувањето на Аллах во месецот Зул Хиџе:
Практикувал да упатува многу дови во првите десет дена од месецот Зул Хиџе и наредувал што е можно повеќе изговарање на: Ла илахе ил-лаллах, Аллаху екбер и елхамду лиллах.
Односот на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, кон Благородниот Куран:
Секој ден имал одреден дел што го читал и не го запоставувал. Читал мелодично, со умерена брзина и јасно изговарање на секоја буква, застанувал на крајот на секој ајет, читал на начин со кој поглавјето звучело подолго и од некое друго поглавје кое навистина било долго. Со одолжување на гласот ги читал продолжените самогласки, како на пример Ер Рахмааан, Ер Рахииим. На почеток, пред да започне со читање, барал Божја заштита од проклетиот шејтан и велел: „Барам прибежиште кај Аллах од проклетиот шејтан,“ а понекогаш додавал: „Аллаху мој, кај Тебе барам прибежиште од проклетиот шејтан, од неговото дошепнување, надменост и поезија.“ Читал Куран стоејќи, седејќи и легнат, со и без абдест, единствено не го читал кога бил џунуб. Куранот го читал мелодично, и велел: Не е од нас тој што не го чита мелодично Куранот. Говорел: „Разубавете го Куранот со вашите гласови.“ Сакал да ги слуша другите како читаат Куран. При читањето на ајет за кој треба да се направи сеџде изговарал текбир и паѓал ничкум на сеџда, и на сеџда ја изговарал оваа дова: „Падна на сеџда моето лице за неговиот Создател, кој му дал форма и му овозможил на човек да слуша и гледа, со Својата моќ и сила.“ Понекогаш би рекол: „Аллаху мој, со овој ајет избриши ми еден грев, запиши ми една награда, нека биде мој залог кај Тебе и прими го ова дело како што го прими делото на Твојот роб Давуд.“ Не се пренесува дек изговарал текбир при станување од оваа сеџда, ниту, пак, тешехуд или селам.
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при држење хутба:
Кога држеше говор (хутба) му се вцрвенуваа очите, го подигаше гласот и видлива беше неговата лутина, изгледаше како опоменувач на војска, кој ги опоменува за можен напад наутро и навечер. Потсетуваше: „Пратен сум заедно со Судниот ден како овие два прста, и ги спојуваше показалецот и средниот прст.“ Говореше: „Па навистина, најдобар говор е Аллаховата книга, најдобар пат е Сунетот на Мухамед, сал-лал-лаху алејхи ве селем, најлоши дела се новововедените во верата а секоја новотарија е заблуда.“ На почетокот на секоја хутба искажуваше благодарност кон Аллах. Своите ученици ги подучувал на хутбата за пригоди: „Благодарноста му припаѓа на Аллах, Нему му се заблагодаруваме, од Него бараме помош и да ни ги прости гревовите. Бараме прибежиште кај Аллах од лошотијата на нашите души и нашите грди дела. Кого Аллах ќе упати, нема да отиде во заблуда, а кого ќе го остави во заблуда, тој нема да го најде правиот пат, сведочам дека Аллах е единствен вистински Бог и дека Мухамед е Негов роб и пратеник.“
Потоа ги читал овие три ајети:
О, верници, плашете се од Аллах со вистинска богобојазливост и не умирајте освен како муслимани!
О, луѓе, плашете се од Господарот свој, Кој од еден човек ве создаде, од кого жената како пар негов ја создаде...
О, верници, плашете се од Аллах и говорете ја само вистината...
Ги подучуваше на Истихара намаз (намаз кога сме во дилема), како што ги подучуваше на поглавјата на Куранот и велеше: „Кога некој од вас се двоуми за некоја работа, нека клања два реката доброволен намаз па потоа нека се помоли: Аллаху, дај ми да изберам преку Твоето знаење и овозможи ми го истото со Твојата моќ. Барам од Твојата неизмерна добрина, Ти си моќен а јас сум немоќен, Ти знаеш а јас не знам. Аллаху, доколку оваа работа (ја именува) е добра за мојата вера, живот и неговиот завршеток, близок или подалечен, овозможи ми ја, олесни ми ја и дај ми бериќет во неа. Аллаху, доколку оваа работа (ја именува) е лоша за мојата вера, живот и неговиот завршеток, близок или далечен, оддалечи ме од неа и неа оддалечи ја од мене и одреди го за мене тоа што е подобро каде и да е, и дај ми да бидам задоволен со истата.“
Како спиел, како се будел, и што правел кога сонувал Божјиот пратеник, сал-лаллаху алејхи ве селем:
Спиел врз душек, врз кожа, постела од палмини лисја, врз земја и врз кревет. Душекот му бил од кожа исполнета со палмини лисја, а таква му била и перницата. Не спиел подолго отколку што му било потребно, и не се лишувал себеси од потребната доза на спиење.
Спиел на почетокот на ноќта а се будел при крајот на истата, а се случувало да остане буден на почетокот на ноќта заради општ интерес на муслиманите. Легнувал на својата десна страна навечер, а пред зората ја потпирал својата глава врз својата дланка. Кога спиел не го буделе сè додека самиот не се разбуди, неговите очи спијеле, но неговото срце било будно. При легнување во постела велел: „Со Твоето, име Аллаху мој, живеам и умирам,“ ги собирал дланките како при дова и лесно плукнувал во нив, ги читал трите последни поглавја од Куранот и потоа го триел целото свое тело колку што можел. Започнувал со главата, па лицето, па предниот дел од телото, и истото го повторувал три пати. Спиел на својата десна страна, ставајќи ја раката под десниот образ, па велел: „Аллаху мој заштити ме од Твојата казна на денот кога ќе ги оживееш Твоите робови.“ Некои свои асхаби ги подучувал: „Пред да легнеш земи абдест како за намаз, легни на десната страна и речи: Аллаху мој, Тебе ти ја предавам мојата душа, кон Тебе се вртам со моето лице, во Твоја надлежност ги оставам моите работи, врз Тебе се потпирам, со надеж и со страв, нема прибежиште и спас од Тебе освен при Тебе. Верувам во книгата што си ја објавил и во пратеникот што си го испратил. Ова нека ти бидат последни зборови, па ако се случи да умреш, ќе умреш во природноста на исламот.“
При будење во текот на ноќта велел: „Аллаху, Господару на Џебраил, Микаил и Исрафил, Создателу на небото и Земјата, Ти што го знаеш невидливото и видливото, што ќе пресудиш меѓу Твоите робови за работите околу кои не се согласуваа. Упати ме, со Твоја дозвола, во вистината околу која не можат да се сложат. Ти кого сакаш го упатуваш на правиот пат.“
Наутро кога се будел велел: „Благодарен сум му на Аллах кој ме проживеа по (малата) смрт – сонот, и пред Него сите ќе бидеме проживеани (на Судниот ден).“
Со мисвак ги чистел забите и понекогаш ги читал последните десет ајети на поглавјето Али Имран. Се будел кога го слушал пеењето на петлите. Изговарал Елхамдулил-лах, Аллаху Екбер, Ла илахе иллал-лах и упатувал дова на Аллах.
Велел: „Добриот сон е од Аллах, а кошмарот од шејтанот. Тој што ќе сонува нешто што ќе го вознемири нека плукне (лесно со воздух и малку плунка) на левата страна трипати, нека побара прибежиште кај Аллах од шејтанот и така тој сон нема да му наштети. Никому нека не кажува што сонувал. Ако сонува нешто убаво нека биде оптимист и сонот нека му го раскаже некому кого го сака.“ Наредил тој што сонува кошмар да се сврти на другата страна, и да клања.
Традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, поврзана со неговиот изглед:
Многу користел парфеми, ги сакал и не ги одбивал. Најдраг парфем му бил мошусот. Ги чистел забите со мисвак, и кога постел и кога не постел, го користел кога се будел, кога земал абдест, пред да клања и пред да влезе дома. Користел кухл (супстанција која ја нанесувал врз трепките) и велел: „Најдобар кухл е исмид, го заострува видот и ги зацврстува влакната (на трепките).“ Се чешлал сам или Аиша му ја чешлала косата. Косата или ја бричел или ја оставал да расте. Косата ја бричел само кога одел на Умра или на Хаџ. Должината на косата му била помеѓу таа што достига до рамениците и до долниот дел на ушите, косата допирала до мекиот дел на увото. Забранил бричење само на дел на главата. Велел: „Работете спротивно на политеистите, пуштајте бради и кратете ги мустаќите.“ Го носеше она што е достапно од облеката од волна, памук и од ленено платно, а најдрага облека му беше долгата кошула. Облекувал јеменски и зелени наметки. Носел џубе, капа, шалвари, изар (за долниот дел на телото) и рида (за горниот дел од телото), носел местви, налани и чалма. Чалмата ја врзувал на начин со кој еден дел го ставал под брадата, понекогаш чалмата имала опашка спуштена на грбот а понекогаш немала. Облекувал црна и црвена облека. Носел сребрен прстен со каменот свртен кон внатрешниот дел од дланката. Новата облека ја именувал и велел:
„Аллаху мој, Ти ме снабди со оваа облека (кошула, наметка, чалма) дај ми го нејзиното добро и доброто за кое е произведена и барам заштита од нејзиното зло и злото за кое е произведена.“ При облекување започнуваше со десната страна. Ја преферирал десната страна при облекување на обувките, при чешлање, при хигиена и при давање и земање. Традиција на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при кивање беше да стави рака или дел од облеката врз устата и со тоа го придушуваше звукот (на кивањето). Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, беше посрамежлив од млада девојка во нејзините одаи. Се смееше кога имаше причина за смеење, најчесто се насмевнуваше, но понекогаш се смееше и се гледаа неговите умници. На сличен начин му беше и плачот, не плачел гласно, како што не се смеел гласно. Очите му се насолзуваа, а од градите му се слушаше звук.
Како се поздравувал и како барал дозвола за влез Божјиот пратеник, сал-лаллаху алејхи ве селем:
Практикувал да даде селам кога се среќавал со група луѓе, исто така давал селам кога се оддалечувал од група на луѓе. Наредил да се шири селамот. Велел: Помладиот нека му даде селам на постариот, тој што стои на тој што седи, тој што јава на тој што пешачи, мала група на поголема група. Секогаш прв поздравувал со селам. Кога друг го поздравувал веднаш, му одговарал со ист или подобар поздрав, освен кога имал оправдување, како намаз или нужда. На почетокот велел: „Ес-селаму алејкум ве рахметул-лах.“ Не е прикладно да се започне со алејке селам, а на муслиманите им одговарал со „ве алејке селам (со вав و).“ Практикувал трипати да поздрави поголема група за сите да бидат поздравени со селам. При влегување во џамија, прво клањал два рекатa техијетул месџид, па потоа им пристапувал и ги поздравувал со селам присутните. На селам не возвраќал со рака, прст или глава, освен кога бил во намаз. Тогаш на дадениот селам одговарал со ишарет. Поминал покрај деца и ги поздравил со селам. поминал покрај група на жени и ги поздравил со селам. Асхабите по џума намаз поминувале покрај старица која ја поздравувале со селам. Праќал и примал селам за некого кој не бил присутен. Кога ќе му пренеле селам од некого, возвраќал на селамот и го поздравувал и тој кој му го пренел.
„Го прашале кога човек ќе се сретне со својот брат дали да му се поклони, одговорил: Не. Го прашале дали да го гушне, одговорил: Не. Го прашале дали да се ракува, а тој одговорил: Да.“ Внимавал да не ја изненади фамилијата доаѓајки доцна навечер, и ги поздравувал со селам. При влегување во домот ги чистел забите со мисвак или прашувал за домашните. Кога влегувал во својата куќа навечер давал селам со тон кој го слушал будниот, но не го будел заспаниот.
Кога барал дозвола да влезе, го давал своето полно име или прекарот по кој бил познат и не велел само јас сум. Пред да влезе барал дозвола трипати, па ако не добил дозвола за влез се враќал. Ги учел своите асхаби да дадат селам пред да бараат дозвола за влез. Никогаш не стоел со лицето свртено кон вратата на нечија куќа, стоел од левата или од десната страна.
Велел: „Дозвола се бара заради погледот (да се заштити од можна непријатна глетка).“
Етиката на говорот и молчењето на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, говореше јасно, благо, убаво и не премногу бавно. Понекогаш долго молчел и не зборувал без некоја потреба, не зборувал за тоа што не го интересирало, зборувал кога за изговореното се надевал на награда од Бога. Зборувал со говор кој бил содржаен, без претерани зборови, не зборувал премногу брзо и говорот негов лесно се помнел. Во говорот немал паузи кои можеле да предизвикаат недоразбирање. Внимавал што ќе каже, ги бирал најубавите зборови далеку од зборовите кои ги користеле неразумните и неморалните луѓе. Не му било драго да користи благородно име за некого што не бил таков. Ниту користел неприличен говор за некого што не бил таков. Забранил лицемерниот да се нарекува господин, Ебу Џехл (Татко на незнаењето) да се именува со Ебул Хакем (Татко на мудроста), владателот да се именува со Крал на кралевите или Божји намесник. Советувал тој што бил поттикнат од шејтанот, да каже Бисмил-лах (Во името на Аллах). Не да проколнува или пцуе, ниту да каже: мизерен е ѓаволот, и слично. Му биле драги убавите имиња, преферирал емисарите да имаат убаво име и убав изглед и важни му биле значењата на имињата. Правел врска помеѓу името и именуваниот со тоа име. Велел: Најдраги имиња кај Аллах се Абдулах (Аллахов роб), и Абдур Рахман (Роб на Милостивиот). Највистинити се Харис (Тој што ја обработува земјата) и Хемам (Загрижениот) а најгрди се Харб (Војна) и Муре (Горчлив). Името на Асија (Непокорна) и го промени во Џемиле (Убава). Името Есрем (Сиромашен со бројно семејство) во Зур'ах (Градина). По доаѓањето во Медина го промени името Јесриб во Тајба (Добра). Своите асхаби ги викаше со прекари според нивните деца, им даваше прекари и на некои деца и на некои жени. Практикуваше да му даде прекар на тој што има деца. На тие што немале деца им велел: „Именувајте се со моето име, но не го користете мојот прекар (кунја).“ Забранил да се запостави името Иша' (јација) и да се замени со името атаме (мрак). Забранил грозјето да се именува со зборот керм. (Керм: срце на верникот.) Забранил да се каже: поради оваа ѕвезда заврна дожд или да каже: тоа што го сакате Аллах и ти. Да се заколнува со нешто друго освен Аллах, како и честото заколнување, или при заклетва да каже: Евреин да станам ако тоа го направам, или сопственикот да каже робот и робињата мои. Да каже грда ми е душата или мизерен е шејтанот, или да рече Аллаху прости ми ако сакаш. Забранил да се пцуе времето, ветерот, топлината или петелот. Го забранувал племенскиот фанатизам и го нарекувал – повик од времето на незнаењето.
Етиката на одење и на седење на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
Чекорел со големи чекори, смирено како да се спушта од рид, бил најбрз во одење, најубав и најсмирен. Одел бос и со обувки. Јавал врз камила, коњ, мазга и магаре. Јавал врз коњи со седло и без седло. Понекогаш со него јавало и друго лице, однапред или одзади. Седел врз земја, врз хасура (килим од исушени палмини лисја) и исткаен килим. Се потпирал врз перница, понекогаш на левата страна, а понекогаш на десната. Клечел а понекогаш и седнувал потпрен со својот грб. Понекогаш едната нога ја ставал врз другата, и поради слабост некогаш имал потреба да се потпре врз некој од неговите другари. Забранувал да се седи помеѓу сонцето и сенката, и предупредувал собирот да не помине без спомнување на Аллах, па рекол: „Кој ќе седне на собир, каде не се спомнува Аллах, тој за него ќе биде пропаст... зборот тирех (пропаст) значи и загуба.“ Велел: „Секој што по седенка, во која имало многу грешки, ќе ја каже оваа дова: Без недостатоци си Ти, Аллаху мој, Тебе сме ти благодарни, сведочам дека Ти си вистинскиот Бог, од Тебе барам прошка и Тебе ти се каам, ќе му бидат простени гревовите од таа седенка.“
Сеџдата за благодарност за некоја благодет или за избегнување на некоја несреќа во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
Еднаш му донесоа радосна вест, а тој падна ничкум на сеџда.
Етиката на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при надминување на потешкотиите, грижите, тагата и неспокој:
При потешкотии ја изговарал оваа дова: „Нема друг вистински Бог освен Големиот и Благиот, Нема друг вистински Бог освен Господарот на возвишениот трон, Нема друг вистински Бог освен Господарот на седумте неба, Господар на Земјата и на Тронот величествен.“ Преокупиран со некј проблем, велел: „Ти, кој си Живиот и Тој што сè одржува во живот, помош барам од Тебе преку Твојата сомилост.“
Велел: „Тој што се соочува со неволја нека ја изговори оваа дова: Аллаху мој, на Твојата милост се надевам, не ме оставај на самиот себеси дури ни колку да трепнам со око, поправи ја мојата состојба, Ти си единствен вистински Бог.“
Кога бил обземен со тага клањал, и велел: „Аллаховиот роб кого нешто го загрижува или го натажува, па ќе каже: Аллаху мој, јас сум Твој роб, син на татко и мајка кои се Твои робови, моето чело е во Твојата рака, Ти владееш и праведна е Твојата пресуда, ти се молам со сите Твои имиња со кои се именуваше себеси, кои си ги објавил во Твојата Книга, со кои ги научи некои Твои робови, или кои се дел од Твоето знаење за невидливото, Величествениот Куран нека биде пролет за моето срце, светлина за моите гради, решение за мојата тага и излез од моите грижи. Тој што ќе го каже ова, тагата и грижата ќе му бидат заменети со радост.“
При страв нè учел да кажеме: „Бараме засолниште со Аллаховите потполни зборови, од Неговата лутина, од казната, од злото на неговите робови и од шејтанските сплетки, заштити ме Аллаху мој да не ми се приближат.“ Велел: „Тој што ќе се соочи со некаква загуба па ќе каже: На Аллах му припаѓаме и кај Него ќе се вратиме, Аллаху мој дај ми награда во оваа моја загуба и компензирај ми ја со подобра, нему Аллах ќе му даде награда за загубеното и ќе му го компензира со подобро.“
Етиката на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, при патување:
Преферирал да патува на почетокот на денот, и во четврток. Не сакал навечер некој да патува сам, и инаку не го сакал патувањето без придружба. Кога патниците биле тројца или повеќе, наредувал да изберат за одговорен еден од нив. Кога се качувал на превозното средство, трипати изговарал текбир па потоа велел: „Возвишен е Тој што ни го овозможил ова што сами не бевме во можност да го направиме и кај нашиот Господар сите ќе се вратиме, па додавал: Аллаху мој, на овој пат дај ми доброчинство и богобојазливост, овозможи ми добри дела со кои си задоволен. Аллаху мој, олесни ми го патот и намали ја неговата далечина, Ти си мој сопатник и Тој што ме заменува дома. Биди со нас на ова патување и грижи се за нашите семејства.“
При враќање од пат велел: „Се враќаме, со покајание, како Аллахови робови кои му се благодарни на нашиот Господар.“
При угорнина изговарал текбир, а при спуштање во долините изговарал субханал-лах. Кога еден човек му рекол: ќе одам на пат, го посоветувал со овие зборови: „Биди богобојазлив и изговарај текбир при секоја угорнина.“ Кога наутро тргнувал на пат го изговарал следново: „Се слушна благодарноста упатена на Аллах, и за добрите работи со кои сме ставени на искушение. Аллаху мој, биди наш сопатник и дај ни од Твоите добрини, бараме прибежиште од оганот.“
Кога на пат испраќал свои другари им велел: „Во Аллахова закрила ги оставам вашата вера, поверливост и конечниците на делата.“
Велел: „Кога ќе отседнете на некое место кажете: Барам заштита, со потполните Аллахови зборови од злото кое го создал. Ништо лошо нема да ви се случи сè додека не заминете од тоа место.“ Му наредувал на патникот да побрза да се врати дома, кај своето семејство, по завршената работа. Забрануваше жената да патува сама без сопатник (махрем) па дури и кога било кратко патување (19 километри), и патувањето со мусхаф во непријателска земја каде може да се обесчести Аллаховата книга. Забранувал муслиман да живее помеѓу идолопоклоници доколку истиот имал можност за преселба во муслиманска земја. Велел: „Се дистанцирам од секој муслиман што живее помеѓу многубошците.“
Говорел: „Кој гради заедница со многубожец и живее со него, ист е со него.“
Неговите патувања можат да се поделат во четири категории: патување за хиџрет, патување за џихад, патување за умра и патување за хаџ. При патување, откако ќе излезеше, па сè до враќањето ,четири-рекатните намази ги кратеше на два рекати. Ги клањал само задолжителните намази заедно со витр намаз и двата реката сунет пред сабахскиот намаз.
Не одредил растојание по кое на муслиманот му е дозволено да ги крати намазите и да не пости. Не практикувал да ги спојува намазите додека јавал и во моментот кога пристигнуваше на целното место. Намазите ги спојувал во текот на патувањето и тогаш кога тргнувал на пат пред самиот почеток на времето намазот. Кога тргнувал на пат, пред да се придвижи сонцето од зенитот, пладневниот намаз го одложувал до пред икиндија и двата намаза ги клањал заедно. Кога сонцето ќе се придвижело од зенитот кон залезот, клањал пладне, па потоа тргнувал на пат. Кога се брзал го одложувал акшамскиот намаз и заедно ги клањал намазите акшам и јација во време на јација. Доброволните намази во текот на денот и ноќта ги клањал јавајќи без оглед на тоа во кој правец бил свртен. Рукуто и сеџдата ги правел со ишарет (знак), и при сеџда главата ја спуштал пониско отколку при руку.
Патувал и во текот на Рамазан, го прекинувал постот и на своите асхаби им дозволувал самите да изберат помеѓу двете можности.
Секогаш или најчесто во текот на патувањето носел кожни чорапи (местви). Забранил, тој што долго бил отсутен да чукне на вратата на својата куќа, во текот на ноќта. Велел: „Мелеците не го следат караванот во кој има куче и ѕвоно.“
При враќање од патување најпрво одел во џамија каде клањал два реката, се сретнувал со децата од семејството. Го гушнувал тој што се враќал од пат, и го бакнувал доколку бил од семејството.
Медицината, лекувањето и посетата на болните во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
Практикувал да се лечи и ги советувал тие што чувствувале некоја болест да се лечат. Велел: “За секоја болест која постои, Аллах создал и лек.“
Велел: „Лекувајте се, о Аллахови робови.“ Практикувал три вида на лекување: со природни лекови, со Божји лекови и комбинација на двата вида лекови. Забранил лекување со алкохол и со други нечисти работи. Ги посетувал неговите болни другари, момчето кое го служело, а било Евреин, кога се разболел како што го посетил и својот чичко кој бил многубожец. На обајцата им го презентирал исламот, момчето Евреин го прифатило исламот, а неговиот чичко не го примил исламот. Му се доближувал на болниот, седнувал блиску до неговата глава и прашувал за неговата состојба. Не му била пракса да одреди посебен ден или време за посетување на болни. Посетата на болни е пропишана во секое време, дење и ноќе и во било кое време.
Природните лекови во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, рекол: „Грозницата е дел од здивот на пеколниот оган, изладете ја со вода.“
Велел: „Ако некој од вас има грозница истурете врз него ладна вода, три дена во времето на сехур (пред зората).“ Кога имал грозница барал мев со вода, ја истурал врз глава и се бањал со истата.
Некој ја спомнал грозницата во негово присуство, која еден човек ја опцул, па рекол: „Немој да ја пцуеш, таа ги брише гревовите како што оганот ја отстранува нечистотијата на железото.“ Еден човек го посетил и му рекол дека неговиот брат се жали на болки во стомакот, на што Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, му рекол: „Дај му мед.“
Го пиел медот, помешан со вода, пред да јаде. Една група на луѓе се пожалиле на внатрешна болест и надувување на стомакот кои им се појавиле во Медина, па ги посоветувал: „Одете кај камилите собрани како зекат, и напијте се од нивното млеко и урина. Така направија и се излечија.“
Џева – внатрешна болест
Истиска – болест од која се дуе стомакот.
Кога бил ранет на Ухуд, Фатима земала неколку исушени листови, ги запалила и од пепелта на тие листовија ставила на раната, што го прекинало крварењето. На Убејј ибн Ка'б му испратил лекар кој го лечел со каутеризација.
Велел: „Лекот е во три работи: голтка мед, зарез при хиџама (пуштање крв) и каутеризација (горење). На мојот умет им го забранувам горењето. Велел: Не го сакам горењето со врел метал (заради лекување).“
Со ова сакал да каже да не биде првата опција за лекување горењето со метал, туку да се пробаат прво другите опции.
На Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, со хиџама му пуштиле крв и за тоа му платил на лицето кое му правело хиџама.
Велел: „Нешто најдобро со кое може да се лекувате е хиџамата.“
Направил хиџама и кога бил во ихрам, бидејќи чувствувал главоболка. Направил хиџама помеѓу појасот и натколеницата заради болест на еден дел од телото. Направил три хиџами, една помеѓу плеќите и две на двете страни од вратот. Направил три хиџами помеѓу плеќите кога јадел отруено месо и на своите асхаби им ја наредил хиџамата. На секој што ќе му се пожалел на болка во главата го советувал со зборови: „Направи хиџама.“
На секој што ќе му се пожали на болка во нозете му советувал: „Намачкај ги со к'на.“
Во Сунен Тирмизи од Селма Уму Рафи', слугинката на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем, се пренесува дека рекла: „Кога ќе се повредел или ќе се набодел на трн, врз раната ставал к'на.“
Велел: „Лекот на ишијас е маст од јагне кое треба да се пие на гладно, секој ден по еден дел.“ Ирку Ниса – ишијас.
При лекување на запек: „Користете сена и мед, тие се лек за секоја болест, освен смртта.“ Велел: „Најдобар кухл (сурма) е исмид, го изострува видот и ги јакне влакната на трепките.“
Исмид – сурма во црна боја. Велел: „Кој наутро на гладно ќе изеде седум урми „Алијет“ нема да му наштети на тој ден отров ниту сихр (магија).“
Велел: „Немојте со сила да ги храните и поите болните, нив ги храни и ги напојува Аллах.“ Му бранел на Сухејб да јаде урми кога бил болен од болест на очите. Сепак му дозволил неколку урми.
И на Али не му дозволил да јаде урми поради истата болест како Сухејб.
Рекол: „Ако мува падне во вашиот сад, потопете ја цела затоа што едното нејзино крило има болест а другото лек.“ Рекол: „Еден вид на храна (Телбине) му помага на срцето и ја отстранува тагата.“ Телбине супа направена од брашно од јачмен.
Велел: „Користете го црното семе кое е лек за секоја болест, освен смртта.“ Велел: „Бегај од лепрозниот како што бегаш од лавот.“ Велел: „Болниот нека не му се приближува на здравиот.“ Во делегацијата од Секиф имало болен од лепра на кој му рекол: „Врати се, ја прифативме твојата заклетва.“
Божјите лекови во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
Барал заштита од џини, од урок и наредил рукја за урок. Велел: „Урокот е вистина, кога нешто би ја забрзало Аллаховата одредба тоа би бил урокот. Ако од некого се бара да се избања (заради лечење на урок), нека го направи тоа.“ Видел мало девојче кое имало чуден израз на лицето и рекол: „Направете и рукја, урочена е.“
Сеф'ату – поглед од џин.
На неговите асхаби кои со рукја (со Ел Фатиха) излечија човек каснат од шкорпија им рекол: „А кој ви даде до знаење дека таа (Ел Фатиха) е рукја.“ На човекот кој му се пожалил дека во текот на ноќта го каснала шкорпија, му рекол:
„Кога настапи ноќта да речеше: барам заштита со Аллаховите потполни зборови од злото кое го создал, немаше да ти наштети.“
Други пракси на лекување во традицијата на Божјиот пратеник, сал-лал-лаху алејхи ве селем:
Кога некој ќе му се пожалел и имал рана, показалецот ќе го ставел на земја потоа го подигал и велел: „Во името на Аллах, со правта на земјата и плунката на некој од нас се лекуваат болните наши со Аллахова дозвола.“
Кога еден од асхабите му се пожалил на болка му рекол: „Стави ја раката на местото каде те боли и седумпати кажи: барам заштита со Аллаховата сила и моќ од лошото кое го чувствувам и од кое стравувам.“ Кога некој од неговото семејство чувствуваше болка, својата десна рака ја ставаше врз делот на телото и велеше: „Аллаху, Господару на луѓето, оддалечи ја болката, излечи, Ти си исцелителот, нема излекување без Твојот лек, излекување по кое нема веќе болест.“ На болниот, кого го посетувал, му велел: „Не грижи се, ова е чистење.“
Завршивме, а благодарноста му припаѓа на Аллах.